НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА ХОПС: Секој четврт млад човек во земјава на ноќните излегувања пробал кокаин – Просечна возраст кога првпат општата популација употребила канабис е 17 години!

февруари 26, 2024

Во државава не постојат континуирани и во пракса потврдени квалитени програми за превенција и употреба на дроги. Постои само едно советувалиште за млади кои употребуваат дроги. Просечната возраст на општата поулација кога прв пат употребила канабис била околу 17 години, а во однос на преостанатите дроги, најниската возраст од 13 и помалку години е кога прв пат употребиле кокаин и екстази. При ноќни излегувања, речиси секој четврт млад човек од 18 до 35 години пробал кокаин.

Ова го покажа новото истражување на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, организацијата која учествувала во регионалниот проект „Млади за млади, заедно да работат”, финансиран преку Еразмус + програмите, а реализиран во партнерство со организациите „Ре Генерација” од Белград и „Удруга Тера” од Ријека.

Истражувањето покажува дека половина од испитаните 119 млади на возраст од 18 до 35 години, рекле дека при ноќните излегувања употребуваат психоактивни супстанци.

Најупотребувана супстанца е алкохолот, односно вклучена е кај 44,5 отсто од вкупниот број на испитаници. Канабис употребиле 35,3 отсто од вкупниот број на испитаници, кокаин употребиле 24,3 отсто, а 21 отсто, односно 25 лица зеле екстази.

Согласно податоците, амфетамини користеле 16,8 отсто од вкупниот број на испитаници, односно 20 испитаници или 33,9 отсто од оние кои употребиле супстанци во последниот месец, а магични печурки употребиле 6,7 отсто од вкупниот број на испитаници.

„Најчест начин на употреба на психоактивните супстанци е орално со голтање 91,5 отсто, а следуваат назално со шмркање и пушење 88 отсто. Употребата со инјектирање на супстанцата која пред десетини години беше многу актуелна во Македонија, кај овие испитаници е многу ретка. Само двајца испитаници одговориле дека употребуваат супстанци со инјектирање“, се вели во истражувањето на ХОПС.

Превенцијата на зависности во рамки на системот за здравствена заштита се одвива најмногу преку лекари од здравствени установи кои повремено според одреден план вршат предавања и едукација на овие теми во основните и средните училишта.

Иако постојат изолирани активности на едукација кои ги спроведуваат граѓанските организации од оваа област или младинските организации, тие се недоволни и непостојани.

„Детектирани се пет клучни причини кои се појавиле како предизвик во спроведувањето на стратегијата за дроги и тоа: отсуство на политичка волја, слаби капацитети и знаења од областа на дрогите кај институциите на системот задолжени за спроведување на стратегијата, надовлно финансии алоцирани за имплементација на стратегијата, отсуство на меѓусебниот пристап и координација меѓу засегнатите институции на системот, постоење стигма и негативни ставови кон корисниците на дроги од страна на луѓето во институциите и слаба вклученост на граѓанското општество во имплементација на стратегијата“, утврдило ова истражување.

Онлајн истражувањето е спроведено во период од една недела и вкупно 119 испитаници на возрaст од 18 до 35 години зедоа учество.

Најголемиот дел од испитаниците се на возраст од 31-35 години (36 %) и од 22-25 години ( 30,2 %). Според род 57,14 % се жени, 39,5 % мажи, 2 учесници или 1,68 % се трансродни лица, 1 личност се изјаснила како небинарна личност и 1 не се изјаснила“, велат во ХОПС.

Според образованието најголемиот дел 70 отсто се со високо образование, а 30 отсто се со завршено средно образование.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ