strumica denes logo

Митрополит Струмички Наум -„Исцеление на фатениот”

Автор:

Датум:

март 4, 2018

Категории:

Струмица Денес

Автор:

Датум:

март 4, 2018

Категории:

Струмица Денес

Еднаш веќе ви зборував дека и верата или верувањето многу зависи и се разликува од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓа човек. Она во што уште верува и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на чистење на срцето од страстите, веќе е знаење и опит за оној кој е на вториот степен, а не прашање на вера. Она во што уште верува и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на просветлување на умот, веќе е знаење и опит за оној кој е обожен, а не прашање на вера.

Но, за да премине верата во знаење и опит, потребни се голем подвиг (благодарност) и смирение. Таков подвиг и смирение гледаме и во напорот, пред сè, на фатениот да дојде до Христос Богочовекот (види: Марко 2, 1–12). Внесувањето преку покривот на куќата со надеж за исцеление, а наместо тоа јавно да ја слушне само причината за својата болест (гревот) и без помисла да го прифати сето тоа, зарем ова не покажува смирение и благодарност? Да, однесувањето на фатениот покажува дека тој ја освестил причината за својата болест, а тоа е гревот, како што потврди и Христос, и со смирение и благодарност ја прифаќа Господовата одлука, сметајќи се себеси недостоен и за толку – да му ги прости „само“ гревовите.

Прифаќањето на Божјото слово за нас, прифаќањето на Божјата волја за нас и прифаќањето на Божјата промисла за нас, со смирение и благодарност, истовремено значи и наше отворање и наше прифаќање на Божјата благодат. Следствено, тоа значи и наше исцеление, и душевно и телесно. Второ нешто што истакнува денешното евангелие е и гревот и отпаѓањето од Бог како причина за нашите болести, и душевни и телесни.

Трето нешто што е истакнато во денешното евангелие е и вистината дека Господ Бог е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите. Вистинското покајание е неповторување на гревот. Дека гревот вистински е простен, исто така, се препознава од неповторувањето на гревот. Оној што има вистинско покајание ќе добие и вистинско простување на гревот од Самиот Господ, што значи и исцелување од последиците на гревот, и чистење на срцето од страстите, и неговото отворање за умно-срдечната молитва. Вистинското простување на гревот и исцелувањето на неговите последици не е ништо друго туку возобновување на нашата заедница со Бог, во Богочовекот Исус Христос, во Црквата.

Токму овој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови. Затоа немаше можеби и ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но, објавата на простувањето ги соблазнува. Заради нивно обраќање и спасение, Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво јавно простува, па потоа и јавно исцелува. И на крај, ем љубовно – без да ги кара, како што Он знае кога ќе види непокајание – им ги открива помислите на нивните срца, ем им ја пројавува Божјата сила и власт од Себе со исцеление на фатениот. Ова го потврдува и самото евангелие: така што сите [без исклучок] се дивеа и Го славеа Бог, велејќи: „Никогаш вакво чудо не сме виделе!“

Пресвета Богородице, по молитвите на свети Григориј Палама, спаси нѐ!