Нова здравствена услуга отсега е достапна за граѓаните на Струмица и Југоисточниот регион. Во ЈЗУ Општа болница Струмица, за првпат од нејзиното постоење, е отворен Кабинет за остеопороза, кој функционира во рамките на Интерната служба.
Кабинетот е опремен со современ дензитометар (DXA), апарат кој овозможува прецизно мерење на коскената минерална густина, рано откривање на остеопорозата и следење на резултатите од лекувањето.
Со воведувањето на оваа дијагностичка метода, пациентите од Струмица и останатите општини во Југоисточниот регион ќе можат да ја добијат потребната здравствена услуга поблиску до местото на живеење, без да патуваат во други здравствени центри.
Од струмичката болница посочуваат дека инвестицијата е дел од активностите за модернизација на медицинската опрема, проширување на здравствените услуги и подобрување на квалитетот на здравствената заштита.
Отворањето на кабинетот претставува значајно проширување на дијагностичките капацитети на струмичката болница, особено во делот на навременото откривање и третман на заболувањата на коските.





















