strumica denes logo

СТРУМИЦА ЌЕ ГИ СЛУШНЕ ТАЈНИТЕ НА ВОЛСТРИТ: ЧОВЕКОТ КОЈ РАБОТЕЛ СО МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ЌЕ ОДРЖИ ПРЕДАВАЊЕ!

Автор:

Датум:

ноември 16, 2026

Автор:

Датум:

ноември 16, 2026

Струмица оваа сабота, 21 ноември, ќе биде домаќин на значаен бизнис-настан на кој главен говорник ќе биде Владимир Ѓукановиќ, познат како „Филозофот од Волстрит“, финансиски експерт со долгогодишно искуство на светските финансиски пазари во Њујорк и Лондон.

Настанот под наслов „Тајните на инвестирање 2.0“, во организација на Be#Next Events и NextGen Podcast, ќе се одржи во хотелот „Цар Самуил“, каде што присутните ќе имаат можност одблиску да се запознаат со принципите на паметното инвестирање, управувањето со личните финансии и начините за создавање долгорочна финансиска стабилност.

Ѓукановиќ својата професионална кариера ја започнал во JP Morgan Asset Management во Њујорк, каде што поминал девет години, а подоцна работел на високи позиции во инвестициски компании и фондови што управувале со милијарди долари.

Во рамките на предавањето ќе бидат отворени повеќе актуелни прашања, меѓу кои инвестирањето во акции, злато и недвижности, моќта на сложената камата, препознавањето финансиски измами, како и инвестициските трендови што се очекуваат во 2027 година.

Посебно внимание ќе биде посветено на можностите за инвестирање достапни за граѓаните во Македонија, со практични примери за тоа како и со помали месечни вложувања може да се гради долгорочен капитал.

Програмата започнува во 17:30 часот со прием и вмрежување на учесниците, додека во 18:10 часот ќе се обрати Огнен Огненоски од Target Group на тема „Бизнис мрежа“. Главното предавање на Владимир Ѓукановиќ е закажано за 19:00 часот, по што ќе следуваат прашања од публиката, награди и коктел за вмрежување.

Ова ќе биде шесто издание на Be#Next, бренд за настани произлезен од NextGen Podcast, чиј автор и водител е Георги Докузов. Претходните пет изданија собрале повеќе од 1.100 учесници, а овојпат Струмица ќе биде центар на разговорите за финансиска писменост, инвестиции и деловен развој.

Цената на билетот во категоријата „Last Call“ изнесува 3.999 денари, а билетите се достапни до 21 ноември.

Повеќе информации и билети се достапни на konferencija.benext.mk, на телефонскиот број 072 302 649 или преку електронската адреса info@benext.mk.