Европскиот првак Реал Мадрид секоја година организира летни кампови низ целиот Балкан, а ова лето кралскиот клуб се одлучи Струмица и стадионот „Благој Истатов“ да бидат домаќини во Македонија, каде ќе се соберат сите таленти на едно место.
Ќе бидат примени сите заинтересирани дечиња односно млади фудбалери на возраст од 6 до 17 години, кои на дело ќе го покажат својот талент пред шпанските тренери од Академијата на Реал Мадрид.
Како коорганизатор на настанот е и струмичкиот фудбалски бренд Беласица, од каде произлегуваат големи фудбалски таленти. Бројот на учесници на летниот камп на Реал Мадрид во Струмица е органичен.
Пријавувањето е отворено до 26. јули, односно остануваат уште само три денови, а летниот камп ќе се реализира во период од 26. до 30. август.
Ова е идеална шанса за сите младите таленти да го трасираат својот фудбалски пат, каде најдобрите ќе имаат голема шанса да си ја отворат својата голема врата кон европскиот фудбал.