Против поранешен директор на затворот во Струмица е поднесена кривична пријава поради злоупотреба на службената положба и овластување, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Четириесетгодишниот Б.Ц. од Струмица, додаваат од МВР, во својство на поранешен вршител на должноста директор на затворот, во текот на 2021, 2022 и 2023 година на затворските полицајци им наредувал и им се заканувал, надвор од законските прописи, да ги ослободуваат од затвор осудените лица Л.К., Ѓ.В. и Г.Т..
Осудените лица, како што информираат од МВР, користеле погодности кои не им следувале и не биле присутни во затвор Струмица и по еден месец. Во евидентната книга, пак, по наредба од пријавениот, било заведувано дека осудените лица биле присутни во затворот.
„Во книгата за влез и излез од затворот осудените лица не биле секогаш заведувани и по наредба на пријавениот се вршело бришење со коректор во книгата на други заведени осудени лица, а на нивно место се пишувал Л.К.. Исто така, Л.К. се водел во затворот, иако во моментот бил надвор од државата“, се додава во соопштението од МВР.