bandr

М-Р ВИКТОР БАЏУКОВ:ФЛЕКСИБИЛНОСТА КАКО МОТОРНА ВЕШТИНА

Пишува М-Р Виктор Баџуков:
ФЛЕКСИБИЛНОСТА КАКО МОТОРНА ВЕШТИНА

Периодот на детството и адолесценцијата овозможува движења кои се изведуваат со леснотија без разлика дали се работи за игра или зададена телесна вежба за совладување и придвижување на одреден простор. Флексибилноста како моторна вештина има важна улога за постурата на секој поединец. Таа дава свој придонес во елегантното и фино изведување на движењата во просторот, создавајки чувство на сигурност.

Но како поминуваат годините, како надоаѓаат и другите возрасни периоди од животот, движењата стануваат поотежнати.
Се намалува амплитудата на движење на зглобовите, а таа впрочем е важна карактеристика од повеќе аспекти:

-флексибилноста е предуслов за развој и функционална манифестација на други моторни вештини.
– ја подобрува контролата на движењето.
– постигнуваме одредено ниво на мускулна релаксација.
– има превентивен ефект и го намалува ризикот од повреда.
– вежбите за флексибилност влијаат врз општото здравје.

Што е флексибилност?
Флексибилноста е моторна вештина за постигнување максимална амплитуда на движења на локомоторниот систем.
Иако вродена / наследна / таа може да се подобрува со правилни вежби во текот на целиот наш живот. Како резултат на вежба ке имаме добар постурален статус кој овозможува превенција на локомоторниот апарат. Со редовно истегнување на мускулите, ја зголемуваме амплитудата на движење што нè прави посилни и поспособни. Истражувањата покажуваат дека со истегнување по вежбање од мускулите се исфрла млечна киселина и акумулираниот метаболичен отпад. Кога мускулите контролирано се истегнуваат ја стимулираме циркулацијата и ефикасниот пренос на хранливи материи но и брзото излачување на отпадните материи. Истегнувањето исто така, ќе го зголеми количеството на синовијална течност (течност што ги подмачкува зглобовите) во зглобовите со што ќе ги одржи здрави и ќе им помогне во непречено изведување на движењата.

Никогаш не е предоцна да ги промените работите и да започнете да вежбате за да си помогнете. Да му помогнете на вашето тело, но најважно од се да го задржите своето здравје на повисоко ниво. Повеќечасовното седење и недостаток на движење, имплицира болка во грбот, вратот и општа слабост на телото. Секојдневното истегнување ќе придонесе во решавање на дел од создадените проблеми. Истегнувањето е единствената физичка активност за која не треба да бидете во добра спортска кондиција. Тоа значи дека секој од нас е секојдневно подготвен да направи сет од вежби за истегнување. Потребен е мал простор и малку време. Без редовно истегнување, зглобовите ја губат својата флексибилност и стануваат неспособни за вршење на сите видови движења. Истегнувањето е исто така одличен начин да се опуштите и да го намалите стресот.

М-р Виктор Баџуков