Со одлука на министерот за здравство, на чело на ЈЗУ „Здравствен дом“ Струмица е поставен д-р Кирил Манчев – стручен медицинар со повеќе од 20 години искуство во јавното и приватното здравство.
Роден во Струмица во 1978 година, д-р Манчев своето образование го започнува во родниот град, а медицинската кариера ја гради од 2003 година во локалните здравствени установи. Од 2007 година работи во сопствената поликлиника со ординации во Владевци и Злеово, а во 2018 година станува специјалист по семејна медицина.
Активен член е на медицински здруженија, национален претставник во европското тело ЕУРИПА и долгогодишен учесник на домашни и меѓународни конгреси. Неговото искуство како доктор на терен, особено во Итната медицинска помош, му дава цврста основа за новата менаџерска улога.