За прв пат од јануари годинава Илон Маск повторно е најбогатиот човек во светот, благодарение на неговата нова компанија за вештачка интелигенција. За време на викендот неговиот стартап xAI собра 6 милијарди долари од приватни инвеститори, со што вредноста на компанијата се зголеми на 24 милијарди долари.
Со тоа 60-процентниот удел на Маск во xAI вреди 14,4 милијарди долари, а неговото богатство на 1 јуни изнесуваше нешто повеќе од 210 милијарди долари. Веднаш зад Маск, на второто место на листата со најбогати луѓе во светот е францускиот магнат за луксузни производи Бернар Арно, кој беше најбогатиот човек на светот од февруари до крајот на мај годинава.
Додека Маск стана побогат за повеќе од 10 милијарди во текот на последниот месец, акциите на групацијата LVMH на Арно паднаа за 5% поради послабиот пазар на луксузни стоки, што го намали богатството на извршниот директор на LVMH за 7,8 милијарди долари. Арно сега вреди 201,6 милијарди долари и е единствениот од првите 10 чие богатство се намалило претходниот месец.
Најголем добитник меѓу 10-те најбогати луѓе во мај беше Марк Цукерберг, чие богатство се зголеми за 12,6 милијарди, на околу 163,8 милијарди долари, како резултат на растот на акциите на Мета за 8,5% и сега е четврти во светот.
Девет од десетте најбогати луѓе во светот се Американци, вклучувајќи ги Џеф Безос, Лери Елисон и Бил Гејтс. Бил Гејтс од Мајкрософт го зазема деветтото место втор месец по ред, што е негово најниско рангирање од раните 1990-ти години, бидејќи неговите диверзифицирани инвестиции не успеаја да го одржат растот.
Сите десет најбогати луѓе во светот од 1 јуни годинава се мажи, а секој од нив вреди најмалку 100 милијарди долари. Најбогата жена во светот и понатаму е Французинката Франсоаз Бетенкур Мејерс. Нејзиното богатство моментално се проценува на 99 милијарди долари и таа е 15-та најбогата личност во светот. Нејзиното богатство лежи во сопственоста на козметичката компанија Loreal, која ја наследила од нејзината мајка.