Даниел Иванов, директор на ЈПКД „Турија“ – Василево, деновиве е во работна посета на Прага, каде што со претставници на чешките институции разговарал за заштитата на водите и за начинот на кој во Чешка се финансираат проекти за управување со отпад. Како што соопшти Иванов, целта на посетата е да се разгледа кои од овие искуства можат да се применат во општина Василево.
На средбата во чешкото Министерство за животна средина, Клара Вајдова, раководителка на Одделението за билатерална соработка, ги претставила приоритетите на Министерството и соработката со Македонија. Властислав Котрч зборувал за циркуларната економија и управувањето со отпадот, а Јаромир Манхарт од Државниот фонд за животна средина ги претставил моделите за финансирање во оваа област. Кристина Кропачова од Одделот за заштита на водите зборувала за чешките практики во управувањето со водите и нивната заштита.
Иванов посочи дека се воспоставуваат контакти со чешките институции и се разгледуваат можности за размена на стручни знаења и подготовка на проекти за Василево. Според него, вредноста на посетата ќе се види доколку стекнатото знаење придонесе за подобро водоснабдување и подобри комунални услуги за жителите.
Работната посета се одржува под покровителство и во организација на ЕУРОПЕУМ – Институтот за европска политика.























