Во попладневните часови во Македонија, се очекува зголемување на облачноста и почнувајќи од запад ќе има врнежи од снег, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде низ земјава, соопштија од УХМР, додека за време на викендот температурите ќе достигнат и до минус 14 степени.
Под влијание на студен и влажен бран денес попладне, во текот на ноќта, како и во четврток ќе има врнежи од снег, кои пообилни ќе бидат во западните и јужните делови од земјава. Насекаде ќе се формира нова снежна покривка, на западот и југот околу 10 см, на планините и над 20 см. Поради засилениот северен ветер можна е појава на снежни наноси. Потоа во наредните денови ќе биде променливо облачно и студено со многу ниски утрински температури и со слаби локални врнежи од снег, во петок повеќе на исток и понекаде во планините на западот, а во недела претежно на северот. Најсончево ќе биде во сабота. Поради ниските температури ќе има појава на голомразица, информираат од УХМР.