Општина Струмица е домаќин на најмасовниот собир на млади фудбалери од Македонија, Хрватска, Србија и Бугарија „Пандев куп“. Свеченото отворање се одржа синоќа на плоштадот „Гоце Делчев“ на кој се собраа над 850 млади фудбалери од 64 екипи кои ќе се натпреваруваат во четири старосни категории. Купот го отвори градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски.
-Струмица отсекогаш ја краселе разни епитети по кои била и останала препознатлива во нашава земја, но и надвор од границите на Македонија. Едни од тие епитети се и: „град на младоста“ и „град на спортот“, но нема ништо поубаво кога тие две нешта ќе се спојат во едно. Така е и овој пат, за што зборува оваа прекрасна глетка на струмичкиот плоштад. Од вечерва па во наредните неколку денови, на задоволство на сите вистински поклоници на фудбалската игра и на спортот воопшто, ќе се случува празник на фудбалот, со уверување дека овој наш град, како и многу пати досега, ќе покаже и докаже дека секогаш е одличен домаќин на големи меѓународни спортски натпреварувања. Овој пат чест и задоволство е да се биде домаќин на еден масовен фудбалски собир на млади фудбалери, наречен „Пандев куп“, а по заслуга на фудбалскиот клуб „Академија Пандев“ и на познатиот струмички и македонски интернационалец од европски и светски глас, Горан Пандев. Самиот податок дека на овој „Пандев куп“ ќе настапат дури 64 екипи со околу 850 фудбалски таленти во четири старосни категории, од Хрватска, Србија, Бугарија и Македонија, зборува за значењето на овој голем спортски настан. Во исто време се дава до знаење, дека не е можен квалитет во фудбалот без вистинска грижа за младинските категории. Токму затоа, ваквите и слични спортски манифестации и иницијативи во кои во преден план се младите, секогаш ќе ја имаат мојата поддршка и поддршката на Општина Струмица. Искрено се надевам дека на општинското игралиште со вештачка трева во Струмица, како и на фудбалските терени во Турново и Василево, младите фудбалски таленти ќе го покажат сето свое знаење од фудбалската игра. Посакувајќи им на сите гости од земјава и од другите три балкански земји, добредојде во Струмица и убави спомени од нашиот град, се надевам дека сите учесници ќе бидат побогати со нови искуства и нови пријателства. Во убави спортски натпревари и во фер-плеј игра, нека победат најдобрите. Со тоа, фудбалскиот „Пандев куп 2018“ го прогласувам за отворен, рече Јаневски.
Младите фудбалери, преку видео врска ги поздрави и најдобриот македонски фудбалер и сопственик на фудбалскиот клуб „Академија Пандев“, Горан Пандев, а успех им посака и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Организатор на купот е фудбалскиот клуб „Академија Пандев“, а се одржува со поддршка на општина Струмица, Агенцијата за млади и спорт и Фудбалската федерација на Македонија.