Можноста за поддршка на занаетите и микро-бизнисите во под Огражденскиот регион ја искористија 21 занаетчија од повеќе села во општините Босилово и Ново Село, кои аплицираа на повикот на Еуромакс Ресоурцес. Компанијата заедно со својот најголем инвеститор Трафигура пролетта стартуваше кампања за поддршка на локалната заедница креирајќи дополнителна вредност за локалниот економски развој како одговор на последиците од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19. Реализацијата на најновиот проект од оваа кампања се потпре на интересот од невладината организација „Рурален Центар Огражден“ која во соработка со локалните лимари, бравари, електричари, ковачи, плочкари, козметичари, бербери и останати занаетчии, обезбеди нов современ алат и придружни материјали.
Занаетчиите од селата Иловица, Штука, Ново Село, Босилово, Ново Коњарево, Радово, Турново, Еднокуќево и Зубово задоволни дека ќе можат да ја унапредат својата работа и севкупно да го подобрат квалитет на услугите и производите, што ќе им овозможи и раст и развој на нивните дејности.
“За време на Ковид пандемијата нашата работа беше значително намалена што не ни дозволи соодветно и навремено да ја обновиме опремата и алатот кој го користиме, па самото тоа ни претставуваше значаен проблем за добивањето на нова работа и проекти. Со оваа донација добивме нов најсовремен и професионален апарат што ни заштедува време и не прави значително поефикасни во работењето”- вели Александар Трајков од с. Босилово кој долги години се занимава со браварија и лимарија.
Слична е приказната и на Ванчо Митров од село Иловица, заварувач кој вели дека нивниот семеен бизнис се одржува веќе 60 години, и тоа се пренесува од татко на син. Митров смета дека со новиот алат што досега не можел да го обезбеди, а сега го добива како донација од Еуромакс, ќе успее многу побрзо и полесно да ја завршува својата работа и да продолжи да егзистира од работилницата, во чие функционирање е вклучено и целото негово семејство.
Дел од корисниците на поддршката велат дека планираат да го прошират бизнисот и со парите кои ги заштедиле на опремата да вработат нови лица, додека други во соработката со Еуромакс препознале партнер кој може да им го олесни процесот на самовработување.
Оваа активност на Еуромакс Ресоурцес и Трафигура за поддршка на локалните занаетчии е само продолжение на претходните активности кои се фокусираа на оние што се најпогодени во време на економска и здравствена криза – индивидуалните земјоделци, сточари и малите претприемачи. Компанијата обезбеди поддршка на женското претприемништво, како и за развој на сточарството, а одобри проекти за поддршка и на малите претприемачи во регионот. Со цел да се подобри наводнување на земјоделските површини во општините Босилово и Ново Село, беа реализирани и инвестиции за градежни зафати во АД Водостопанство – Подружница Струмичко Поле – Струмица, како и чистење на каналите.