strumica denes logo

Академија Пандев победи по четири месеци, лесно совладан Скопје!

Автор:

Датум:

април 23, 2018

Категории:

Спорт

Автор:

Датум:

април 23, 2018

Категории:

Спорт

Заврши четиримесечниот пост на негативни резултати на Академија Пандев во ПМФЛ. Денес, во рамки од 29. коло на македонскиот шампионат тимот од Струмица ја запиша својата прва победа оваа пролет, откако на гостувањето во Кичево кај Скопје славеше со сигурни 0-2 (0-0).

По почетниот мирен старт, во кој двете екипи играа доста резервирано, струмичани преку искусниот Сашко Пандев двапати се заканија по голот на Стефановиќ. Првиот пат напаѓачот на гостите биеше силно, но за малку непрецизно, додека во втората прилика српскиот голман ја прочита неговата идеа за асистенција и навремено интервенираше.

По само неколку минути дојде и одговорот од домаќините. Офанзивецот на Скопје, Ѓоко Алексовски од околу 25 метри испрати вистинска бомба по струмичкиот гол, но Истатов со крајни напори одбрани и топката ја исфрли во корнер.

Пред самиот финиш на првото полувреме Скопје испушти уште една шанса за почетно водство. Настевски си поигра со неколку дефанзивци на Академија Пандев, кои мораа со фаул да го стопираат неговиот налет, а од слободниот удар од само 17 метри непрецизен беше Кофи.

Почетните минути од вториот дел им пропаднаа на домаќините, кои пропуштија неколку шанси за предност, но до посакуваниот гол први стигнаа гостите од Струмица. Потенцијалниот репрезентативец, Љупчо Дориев доби употреблива топка во казнениот простор на Скопје и со фантастичен удар го совлада Стефановиќ, за 0-1 за Академија Пандев.

И покрај предноста „пандевци“ продолжија со офанзивната игра и тоа резултираше со нов погодок во мрежата на тимот од Скопје. Водството на Академија Пандев го дуплира искусниот напаѓач Зоран Балдовалиев, кој распали од над 20 метри и го натера српскиот голман по вторпат за само неколку минути да ја вади топката од сопствената мрежа.

До крајот на мечот Скопје на неколку пати се обиде резултатски да се врати во игра, но денес одбраната на Академија Пандев беше на потребното ниво и не дозволи посериозен притисок кон голот на Истатов.