Жените земјоделки кои родиле од декември минатата до крајот на оваа година ќе добиваат по 81 000 денари за девет месеци. Тоа е привремената мерка на Министерството за земјоделство што се реализира и има обезбедено средства, рече Љупчо Николовски, министер за земјоделство.
Според Министерот Николовски ова преодно решение треба да биде вовед во системско.
-Со оваа програма даваме можност на сите жени – земјоделки кои се регистрирани според законот за пензиско осигурување од оваа година, односно жените-земјоделки кои ќе родат, а тоа важи од 11 декември 2022 до 1 декември 2023 година ќе се стекнат со истото право од еднократен надомест од 81 000 денари, како што го имаат тоа право и другите жени кои работат и чии права се регулирани според Законот за работни односи. Ние, заедно со вас, направивме преодно решение и верувам дека оваа година ќе се најде системското решение со другите институции. Но, еве, ова е прва година, за првпат дека и жените-земјоделки ќе имаат платено мајчинство, издвоени се средства и ќе добијат во вкупен износ од 81 000 денари, рече Николовски.
Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери нагласи дека ќе инсистираат и на платеното боледување за земјоделците.