Perdormire
Струмица

Започна асфалтирањето на патот од Муртино до Еднокуќево

Подобрувањето на патната инфраструктура на територијата на општина Струмица и меѓуопштинското поврзување се еден од приоритетите на градоначалникот Коста Јаневски и општина Струмица. Денеска започна асфалтирањето на патот од населеното место Муртино до Еднокуќево како последна фаза од реализацијата на проектот чиј носител е Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а партнери се општините Струмица и Босилово. Градоначалникот Јаневски денеска беше на овој патен правец за да види како се одвиваат завршните работи од овој зафат, а таму беше и градоначалникот на општина Босилово, Зоран Зимбаков.

Градоначалникот Јаневски информираше дека вкупната инвестиција изнесува 5,5 милиони денари. Општина Струмица учествува со околу 2,2 милиони денари, а останатите средства се од Бирото за регионален развој, односно, Министерството за локална самоуправа преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2017 година. Истиот е од голема важност за граѓаните од двете населени места затоа што ќе обезбеди побрза и полесна меѓусебна комуникација, а во исто време ги поврзува и двете општини. Овој проект е многу важен и за севкупниот развој на Југоисточниот плански регион и затоа според Јаневски, и понатаму ќе се работи на изградба на квалитетна патна мрежа што е од голем интерес на граѓаните од регионот.

Инаку, овој пат е дел од патната мрежа на општина Струмица и се протега од излезот на селото Муртино па се до влезот на селото Еднокуќево во општина Босилово во должина од 1.387 метри, а коловозната лента е со ширина од 5 метри и е направен според сите стандарди за патишта од ваков тип.