Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Струмица свечено одбележа 36 години од своето основање на настан што се одржа на 8 јули во ресторанот „Велвет“. Од партијата информираат дека одбележувањето било организирано во два дела – работен и свечен.
Во рамките на работниот дел беше конституиран новиот состав на Општинскиот комитет.
За секретар на Општинскиот комитет е избран Глигор Поцков, додека за потпретседатели избрани се Павлина Галева и Панче Стојков.
Во свечениот дел од настанот, претседателот на Општинскиот комитет Методија Пасков им додели плакети – благодарници на деветмина поранешни претседатели на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Струмица, како признание за нивниот придонес во развојот и јакнењето на организацијата во изминатите три и пол децении.
Во своето обраќање, Пасков ги повика членовите на новиот состав на комитетот одговорно, посветено и единствено да работат за реализација на програмските определби на партијата, да дадат максимален придонес во работата на организацијата и активно да се вложат во создавањето подобра иднина за Струмица и Македонија.
Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Струмица истакнуваат дека и во иднина ќе останат посветени на вредностите на одговорноста, единството и работата во интерес на граѓаните.






















