Во сабота, на 15 август, во Струмица ќе се одржи првиот „Park Run“ – спортски настан наменет за сите граѓани кои сакаат да трчаат, да се движат, да престојуваат во природа и да бидат дел од една позитивна спортска приказна.
Настанот е отворен за сите, без разлика дали станува збор за искусни тркачи, рекреативци, почетници или граѓани кои сакаат активно да го започнат саботното утро.
Целта е преку заедничко трчање и дружење да се поттикне физичката активност и да се промовира здравиот начин на живот во Струмица. Организаторите се надеваат дека ова ќе биде само почеток и дека „Park Run“ ќе прерасне во редовна активност која ќе ги обединува струмичани преку спортот и активното живеење.
Почетокот и крајот на патеката ќе бидат кај споменикот „Македонија“ – „Борис Трајковски“ во Градскиот парк. Настанот започнува во 8:30 часот, а предвидената дистанца изнесува пет километри.
Граѓаните можат да учествуваат сами, со пријателите, со семејството или со својот домашен миленик.
„Струмица, време е да трчаме заедно!“, порачуваат организаторите.





















