Ученичките Дебора Најденова и Драгана Стојанова од осмо одделение во ООУ „Видое Подгорец“ од Колешино постигнаа значаен успех, откако беа наградени во рамки на националната кампања „Читањето е супермоќ“, која веќе осум години ја реализира „Арс Ламина“.
Во силна конкуренција од околу 100 ученици од основните училишта низ целата држава, Дебора и Драгана беа препознаени како едни од најактивните читатели од регионот и добија награди и пофалници за својата посветеност кон книгата и читањето.
Кампањата „Читањето е супермоќ“ има за цел да ги поттикне читачките навики кај децата, да придонесе за развој на читачките вештини, да го негува мајчиниот јазик и да ја поддржи работата на училишните библиотеки и наставниот процес.
За успехот на ученичките заслуги има и нивниот ментор, наставничката Атина Манчева, која активно работи на развивање на љубовта кон книгата кај учениците. Од училиштето посочуваат дека ова признание претставува исклучителен успех, особено во време кога дигитализацијата и современите технологии се сè поприсутни во секојдневието на младите.
Воедно, беше изразена благодарност и до директорката Маја Малинова за поддршката што континуирано ја дава на учениците и нивното учество во образовни и креативни проекти.
Овој успех уште еднаш потврдува дека читањето останува вистинска супермоќ и дека вложувањето во знаењето и книгите носи резултати со кои се гордеат и учениците, и училиштето, и целата заедница.






















