Општина Струмица започна со реконструкција на уличното осветлување на потегот од „Жито Струмица“ кон Малото стопанство, со што треба да се реши долгогодишниот проблем со неосветленоста на дел од оваа фреквентна сообраќајница.
Станува збор за потег во должина од околу еден километар, чија десна страна со години била без соодветно улично осветлување, што претставувало дополнителен ризик за возачите, пешаците и останатите учесници во сообраќајот.
Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, заедно со директорот на ЈПКД „Комуналец“, Кире Синдраковски, и директорот на ЈП „Паркиралишта Струмица“, Александар Петровски, изврши увид во текот на активностите.
Во рамки на реконструкцијата, постојните канделабри се демонтирани и пренесени во ЈПКД „Комуналец“, каде што ќе бидат бојадисани и обновени. Проектот предвидува и целосна замена на подземната електрична инсталација, со што треба да се обезбеди поквалитетно и пофункционално осветлување.
Од Општина Струмица информираат дека во следниот период ќе продолжат останатите фази од проектот, чија крајна цел е целосно осветлување на булеварот.
Со реализацијата на овој зафат се очекува значително подобрување на видливоста и безбедноста на една од сообраќајниците со голема фреквенција на возила и граѓани во Струмица.























