Струмица на 14 и 15 ноември беше домаќин на меѓународниот хакатон NASA Space Apps Challenge, кој се одржа во просториите на Младинскиот центар, со учество на млади таленти од различни делови на Македонија.
Станува збор за глобален настан, логистички поддржан од американската вселенска агенција НАСА, кој се организира на околу 180 локации ширум светот. Учесниците имаа можност да ги покажат своите знаења, креативност и иновативност преку развивање решенија за конкретни предизвици поставени од НАСА.
Настанот во Струмица беше поддржан од Општина Струмица, со цел поттикнување на младите да размислуваат креативно, да ги развиваат своите технолошки вештини и да придонесуваат кон решавање на глобални предизвици.
Организаторите и учесниците добија честитки за успешно реализираниот хакатон, со желби за голем успех во понатамошната глобална номинација.
Со одржувањето на овој меѓународен настан, Струмица уште еднаш се најде на светската мапа на градови во кои младите имаат можност да ги претстават своите идеи и иновативни решенија.





















