Јавното претпријатие за енергетска дејност „Струмица гас“ успешно ја заврши изградбата на нова делница од секундарната гасоводна мрежа на потегот помеѓу улиците „Наум Наумовски Борче“ и „Народен Борец“. На самата локација денеска се извршија финалните технички испитувања за исправност и функционалност на инфраструктурата пред нејзино официјално пуштање во употреба.
Новата траса е со должина од околу 100 метри и на неа веднаш е реализиран нов приклучок на домаќинство (физичко лице). Во изминатиот период претпријатието реализираше уште еден приклучок на физичко лице на улицата „Мануш Турновски“, а во текот на месец март беше изградена уште една клучна делница во должина од 100 метри во Индустриската зона „Север“, наменета за потребите на локалното стопанство.
Директорот на ЈП „Струмица гас“ ја истакна одличната соработка со Општина Струмица и упати силен апел до граѓаните масовно да ги искористат поволностите што се нудат за транзиција кон еколошки чисти енергенси.
„Општина Струмица во целост го субвенционира износот за нов приклучок на физички лица, што значи дека за граѓаните самиот приклучок до нивните домови е комплетно бесплатен. Дополнително, со цел да го олесниме семејниот буџет, Општината директно ги субвенционира и месечните сметки со 10 денари по потрошен кубен метар гас. Ова се конкретни мерки кои директно влијаат врз намалување на трошоците за живот на нашите сограѓани“, истакна директорот.
Од претпријатието испратија и остра порака во однос на заштитата на животната средина, нагласувајќи дека гасификацијата не е само инфраструктурен проект, туку итна борба против аерозагадувањето во градот.
„Повеќе нема време за чекање и изговори. Секој оџак што чади во зима е директна закана за здравјето на сите нас и на нашите деца. Природниот гас е еколошки чист и безбеден енергенс, а секој нов метар мрежа и секое ново приклучено домаќинство значат еден оџак помалку кој го труе воздухот во Струмица. Преминот кон природниот гас е наша заедничка граѓанска и еколошка должност“, се вели во соопштението.
ЈП „Струмица гас“ и Општина Струмица остануваат посветени на исполнување на стратешката цел – чиста, зелена и енергетски ефикасна Струмица.






















