Во тек се подготвителни активности за обновување на патната инфраструктура на три локации во Струмичко. Работите ги реализира Јавното претпријатие за државни патишта, во соработка и координација со службите на Општина Струмица.
На терен се врши гребење и отстранување на стариот асфалт, по што ќе биде поставен нов асфалтен слој. Активностите се одвиваат на патниот правец од Вељуса кон Баница, во должина од 1.457 метри, низ селото Баница, во должина од 210 метри, како и на делницата од Споменикот кај Раборци до селото Попчево, во должина од 1.793 метри.
Според планираната динамика, отстранувањето на стариот асфалт треба да заврши во текот на викендот, а поставувањето на новиот асфалтен слој е предвидено да започне во понеделник.
Со обновувањето на овие делници се очекува да се подобрат безбедноста и условите за сообраќај за жителите и сите учесници во сообраќајот.





















