Тортите со редени бисквити се едни од омилените затоа што со нив нема потреба да губите време на печење и не треба да сте експерти во кујна за да ги подготвите.
Чизкејк десертите се меѓу омилените во светот, а оваа брза торта ќе ве освои затоа што се подготвува многу брзо и лесно.
Совршениот спој на вкусовите на ванила и јагоди ќе им се допадне дури и на најпребирливите, па очекувајте дека тортата брзо ќе ја снема.
Потребни состојки:
За пандишпан:
- 400g бисквити (плазма);
- 200ml млеко;
За фил:
- 250g маскарпоне сирење;
- 250g пудинг од ванила;
- Кора од половина лимон;
- 1 лажица екстракт од ванила;
- 40g шеќер во прав;
- 400ml шлаг пена;
За прелив:
- 300g замрзнати јагоди;
- 60ml вода;
- 40g шеќер;
- 2 големи лажици пудинг од ванила во прав (+60ml вода).
Начин на подготовка:
- Во длабок сад се ставаат состојките за филот и се матат со миксер додека да се добие изедначена смеса;
- Во плех или калап за торта се редат бисквитите. Секој бисквит се натопува во малку млеко, пред да се стави во плехот;
- Врз првиот ред се става половина од филот со маскарпоне сирење и се израмнува;
- Се става уште еден ред бисквити, потопени во млеко, па врз нив се нанесува остатокот од филот;
- Во тенџере се ставаат јагодите, 60ml вода и шеќер и се варат, па потоа се пасираат со блендер;
- Во подлабок сад се меша прашокот за пудинг со 60ml вода и се додава во јагодите;
- Тортата се филува со преливот од јагоди, и се порамнува;
- Колачот се остава во ладилник околу 6 часа или преку ноќ;
- Може да се декорира со свежи јагоди и бело чоколадо.