Премиерот Христијан Мицкоски, во коментар за акцијата на МВР „Адитив“ поврзана со работењето на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“, најави дека борбата со криминалот ќе продолжи и најави десетици такви случаи во следниот период.
„Да, борбата ќе продолжи. Ние рековме внимателно, рековме нема да правиме естрада од сето тоа, ќе продолжи. Се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази и основано сомневање за сторен криминал МВР заедно со срамежливото обвинителство влегуваат во акција. Таа акција беше спроведена пред неколку дена, 23 лица се осомничени и два правни субјекта. Во периодот што следи десетици случаи се работат. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години“, одговори Мицкоски на новинарско прашање, на поставување камен темелник на фабрика во ТИРЗ Кичево.
Тој вели дека од акциите нема да се прави естрада.
„Нема да се случува, вели Мицкоски, како што беше во минатото на полноќ или наутро да влегуваат специјални единици вооружени до заби во домовите на лицата коишто се осомничени и сето тоа камера да го снима и слично и да правиме естрада. Нема да биде тоа, ќе биде вака преку соопштенија, а потоа преку еден фер и транспарентен судски процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност во целиот случај. Во периодот што следи мислам дека од информациите со коишто располагам ќе има десетици вакви случаи“, рече Мицкоски.
Основниот кривичен суд Скопје завчера одреди притвор во траење од 30 дена на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра во акцијата наречена „Адитив“.