Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, вечерва се обрати пред граѓаните во Ново Село, нагласувајќи ја силната поврзаност на иселениците со нивните родни огништа.
Тој истакна дека луѓето, без разлика каде ги однел животот, секогаш се враќаат во родниот крај, потсетувајќи на народната мудрост дека „каменот тежи на своето место“.
Според Мицкоски, целта е Македонија да стане земја во која младите ќе остануваат, додека оние што заминале ќе имаат причина повторно да се вратат дома.
– Нашата борба е да ги оживееме селата, да ги зајакнеме локалните заедници и да создадеме услови за достоинствен живот во секое населено место, порача премиерот.
Тој нагласи дека Владата останува посветена на спроведувањето политики што ќе донесат нови инвестиции, подобра инфраструктура, повеќе работни места и развој во секој дел од државата.
– Нашата цел е едноставна, секој човек со гордост да може да каже: „Ова е мојот дом и тука ја гледам својата иднина“ – истакна Мицкоски.
На крајот, премиерот им се заблагодари на жителите и повратниците во Ново Село за топлиот пречек, искрените разговори и укажаната доверба, порачувајќи дека заеднички ќе продолжат да градат посилни општини и посилна Македонија.







































