Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска изврши увид во реконструираната ЈЗУ Општа Болница во Струмица.
При посетата, Мицкоски истакна дека Владата останува посветена на реализацијата на проектите кои им биле ветени на граѓаните, нагласувајќи дека секојдневно се започнуваат и завршуваат значајни инфраструктурни и развојни проекти низ државата.
Тој посочи дека целта е да се завршат сите започнати проекти и да се постави јасна насока за понатамошен развој, како на општините, така и на државата во целина.
Премиерот нагласи дека здравството е еден од приоритетите на Владата и дека реформите и инвестициите што се спроведуваат во овој сектор имаат за цел да го подобрат квалитетот на здравствените услуги и животниот стандард на граѓаните.
Според него, вложувањата во здравствената инфраструктура и модернизацијата на здравствените установи ќе продолжат и во наредниот период, со цел обезбедување подобри услови за пациентите и здравствените работници.
































