И по бројните патувања и меѓународни признанија, струмичкиот поет Никола Маџиров ја носи Струмица како свое место на враќање. Во интервју за МИА, авторот чија поезија е преведена на над четириесет јазици зборува за родниот град, детството и спомените што го поврзуваат со домот.
„Секој има своја Итака — мојата е Струмица, а на метафизичко ниво тоа е македонскиот јазик или детството“, вели Маџиров во разговорот за МИА.
По престојувањата во различни делови од светот, поетот раскажува дека повторно е во градот во кој израснал, под истите липи покрај кои минувал како ученик.
„Сега се вратив во градот во кој израснав, седам под истите липи под кои минував како дете на пат кон училиштето кое сега го има променето името, а татко ми сѐ уште го вика по старо, мислејќи дека така ќе ја одложи староста“, споделува тој за МИА.
Посебно место во неговите сеќавања имаат детските игри низ маалата, криењето под големата смоква, ладната вода од дворската чешма и собирањето трски за изработка на летала, кои ги нарекувале „фортуни“. Се присетува и на отклучените врати и семејството собрано во единствената затоплена соба, во очекување писмо од поштарот.
За Маџиров, домот е длабоко поврзан со личните приказни и наследените сеќавања што човек ги носи со себе, каде и да патува.
„Домот е таму каде што се враќаме, а поретко таму каде што живееме“, порачува струмичкиот поет во интервјуто за МИА.
Целосното интервју може да го погледнете со кликнување на следниот линк: https://kurir.mk/vesti/makedonija/poetot-nikola-madhirov-ne-e-najbolno-toa-shto-pobednitsite-ja-pishuvaat-istorijata-tuku-toa-shto-tie-gi-teraat-ponizhenite-da-ja-chitaat/
























