strumica denes logo

ГОЛЕМ УСПЕХ ВО СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА: Д-Р ТОНИ БАЛЏИЕВ И НЕГОВИОТ ТИМ ИЗВЕДОА ЕДНА ОД НАЈСЛОЖЕНИТЕ ХИРУРШКИ ОПЕРАЦИИ!

Автор:

Датум:

октомври 19, 2026

Автор:

Датум:

октомври 19, 2026

Значаен напредок во развојот на современата хирургија бележи ЈЗУ Општа болница – Струмица, каде што медицинските тимови успешно изведуваат сложени оперативни зафати и воведуваат современи методи на лекување, со цел подобрување на здравствените услуги за пациентите.

Едно од најзначајните достигнувања е изведувањето на панкреатодуоденектомија, позната како Whipple процедура, која се вбројува меѓу најсложените операции во абдоминалната хирургија.

Оваа комплексна хируршка интервенција била изведена во струмичката болница од тим абдоминални хирурзи, предводен од д-р Тони Балџиев, со стручна поддршка и консултантско учество на доцент д-р Шенол Тахир, долгогодишен соработник на здравствената установа.

Станува збор за исклучително сложена операција која бара високо ниво на медицинска стручност, прецизност, темелна подготовка и одлична координација меѓу членовите на хируршкиот тим. Нејзиното изведување претставува важен чекор во проширувањето на можностите за високоспецијализирани хируршки интервенции во Струмица.

Покрај ова достигнување, во Општата болница активно се развива и напредната лапароскопска хирургија, предводена од д-р Љубинка Манчева. Во рамките на оваа дејност се изведуваат современи оперативни интервенции, меѓу кои херниопластики и ресекции на дебелото црево кај пациенти со малигни и други заболувања, во случаи кога ваквиот пристап е медицински оправдан.

Лапароскопските операции претставуваат значаен дел од современата медицина, бидејќи овозможуваат помала оперативна траума, а кај соодветно избрани пациенти и помала постоперативна болка, како и побрзо закрепнување.

Важна улога во реализацијата на сложените хируршки интервенции имаат и анестезиолозите д-р Мирјана Динева Тренчева и д-р Аница Балџиева, чија стручност и посветеност се значаен дел од работата на медицинските тимови.

Од болницата посочуваат дека зад овие резултати стојат континуираната едукација, тимската работа, размената на искуства со истакнати специјалисти и посветеноста на здравствените работници.

Под раководство на директорот д-р Гоце Христов, ЈЗУ Општа болница – Струмица продолжува со активности насочени кон модернизација на медицинските капацитети, професионално усовршување на кадарот и воведување нови методи на лекување.

Според информациите од здравствената установа, стратешката определба на раководството е создавање современа болница со високостручни медицински тимови, која ќе обезбедува квалитетна, безбедна и достапна здравствена заштита за граѓаните.

Со ваквите достигнувања, струмичката болница прави значајни чекори кон развој на високоспецијализирана хирургија, отворајќи нови можности за лекување на пациентите и дополнително зајакнување на здравствените услуги во регионот.