Пет места што мора да ги посетите кога ќе одите во Крушево!

октомври 19, 2023

Високо над рамницата Пелагонија, во пазувите на Бушева Планина, јуначкото Крушево претставува еден од најзначајните македонски градови со бројни етно и историски вредности. Покрај неговиот историски статус како прва република на Средниот Балкан, градот Крушево продолжува со своите прогресивни амбиции и во наредниот период се стреми да прерасне и да биде препознаен како еколошки одржлив град со нула отпад.

Неговата централна позиционираност го прави лесно достапен за посетители од сите краишта на Македонија и како таков е погоден за еднодневни излети, но и за повеќедневна релаксација. А покрај чистиот воздух, добрата храна и одличните места за адреналинска забава, во Крушево никако не смеете да испуштите да ги посетите овие пет значајни културни споменици:

1. Мечкин Камен е еден од најпознатите локалитети во близината на Крушево. Овој локалитет е познат по историската битка што се одиграла на 2 Август 1903 година, во одбрана на Крушевската Република. Во легендарната битка херојски загинал војводата Питу Гули и речиси целата негова чета, борејќи се против повеќекратно побројниот и посилниот противник. За да се одбележи нивната саможртва, на локалитетот е подигната џиновска скулптура на востаник со високо подигната карпа над главата, спремен да ја фрли кон противникот, така симболизирајќи ја бескомпромисната борба на востаниците.

2. Споменикот „Илинден“ уште познат и како Македониум е меморијален комплекс посветен на Илинденското Востание и Крушевската Република. Споменикот ја означува непокорноста, борбата и вечната стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава. Меморијалниот комплекс се протега на широка површина од 12 хектари, а неговата форма симболизира раскинати пранги. Централниот објект го претставува футуристичката купола на 1320 метри надморска височина, која нуди уникатен поглед кон градот Крушево. Во внатрешноста на куполата се положени посмртните останки на Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев.
3. Црквата „Свети Никола“ е главниот соборен храм на православните Крушевчани, сместен во Старата градска чаршија и претставува една од најстарите сакрални градби во Крушево. Црквата оригинално била изградена во 1832 година, но била запалена за време на Илинденското Востание во 1903 година. Две години подоцна на истото место бил изграден денешниот објект кој плени со својата убавина, влевајќи духовен мир во секој посетител.

4. Спомен куќата на Тодор Проески претставува грандиозен и уникатен меморијален објект посветен човек кој беше икона на македонската музичка сцена, а ќе остане морален светилник на многу луѓе. Спомен куќата го рефелектира целиот животен пат на популарниот Тоше Проески и низ своите содржини на посетителите овозможува уникатен хронолошки увид во неговото детство, тинејџерските години и во периодот кога тој го достигна врвот на својата уметничка кариера, до неговата трагична смрт.

5. Галеријата на Никола Мартиноски, доајенот на современата македонска ликовна уметност, е сместена во уникатен примерок на крушевската староградската архитектура. Во неа се изложени бројни екпонати, маслени слики и цртежи што уметникот му ги оставил во завет на својот роден град. Истовремено, во објектот се наоѓаат и две етнолошки поставки кои ќе ве „транспортираат“ во едно минато време, во традиционалниот амбиент на крушевските домови од 19 век, а ќе ве запознаат и со традиционалната облека на жителите на Крушево и околните населби пред повеќе од еден век.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ