Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, изрази длабоко сочувство по трагичните настани што го потресоа регионот, истакнувајќи дека од длабочината на своето срце и душа, искрено се присоединува на болката на семејствата на загинатите, и им посакува побрзо закрепнување на сите повредени. Тој, исто така, ја потенцира важноста на редот и почитувањето на законските прописи за да се спречат вакви несреќи во иднина.
„Ред и почитување на законските прописи мора да има!“ – истакна Костадинов.
Градоначалникот информираше дека денеска одржал неколку важни состаноци со директори, раководители и инспектори од различни општински сектори, во насока на преиспитување на правилниците, плановите и проценките за ризик од пожари, експлозии и други непогоди во сите струмички училишта и градинки. Според него, вежбите за евакуација мора да се одржуваат најмалку еднаш месечно, а секое дете и персоналот треба да бидат подготвени и да знаат како да се заштитат.
„На денешниот состанок со општинските инспектори, претставниците на Секторот за урбанизам и комунални работи, како и Даночното одделение, се договоривме за започнување на заедничка вонредна контрола на сите угостителски објекти, како кафулиња и дискотеки. Ќе се прави темелна проверка на сите дозволи, решенија и согласности кои тие треба да ги имаат од општинските органи. Таму каде што ќе се утврдат неправилности, ќе ги известиме државните органи и ќе им дадеме рок за исправување на истите. Доколку тоа не се случи, ќе бараме затворање на објектите“, изјави Костадинов.
Тој нагласи дека сите клубови кои имаат издадена согласност од Министерството за економија, а не одговараат на намената во Секторот за урбанизам, ќе бидат пријавени во СВР Струмица и Пазарната инспекција, кои ќе мораат да одговорат за издавањето на лиценците за работа.
„Денеска потпишав наредби за сите општински инспекторати, кои ќе започнат со соодветно постапување. Со професионално извршување на нашите работни задачи и со почитување на законските обврски, можеме да создадеме безбедна заедница и живот без страв за нас и нашите деца“, заврши Костадинов.
Општина Струмица продолжува со своите напори да обезбеди безбедност за своите граѓани, и да ги спроведе сите неопходни мерки кои ќе спречат слични инциденти во иднина.