Со пригодна свеченост и оддавање достојна почит, Општина Струмица денеска ја одбележа 82-годишнината од убиството на народниот херој Благој Јанков – Мучето. Пред неговата спомен-биста во Малиот градски парк се собраа претставници на локалната самоуправа, семејството на херојот, институции, граѓани и други гости, кои му оддадоа признание за неговата жртва и придонес во борбата за слобода.
На свеченоста се обрати градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, кој истакна дека Благој Јанков – Мучето претставува неизбришлив дел од историјата и идентитетот на градот.
Тој нагласи дека за него одбележувањето има и лична димензија, но уште поголема одговорност, потенцирајќи дека вистинското наследство не се мери по крвна линија, туку по тоа дали сме достојни да ги чуваме и продолжуваме вредностите што ни ги оставиле хероите. Јанков порача дека младите генерации треба да го паметат Мучето не само како историска личност од учебниците, туку како млад човек кој слободата на својот народ ја ставил пред сопствениот живот, додавајќи дека денешните генерации имаат обврска да изградат општество достојно за неговата жртва.
Во чест на народниот херој, Катерина Тасева, првонаградена учесничка на литературниот конкурс распишан од библиотеката „Благој Јанков – Мучето“, ја прочита својата наградена творба. По литературниот настап, семејството на херојот, градоначалникот Петар Јанков и претставници на Советот на Општина Струмица положија свежо цвеќе пред спомен-бистата.
Одбележувањето продолжи пред спомен-обележјето во Големиот градски парк, каде свежо цвеќе положија претставници на Општинската организација на Сојузот на борците и граѓаните поддржувачи, институции и политички партии, оддавајќи почит кон ликот и делото на Благој Јанков – Мучето.






















