Во одлична атмосфера и со многу насмевки, денеска се одржа настан со балон на топол воздух по повод одбележувањето на крајот на учебната година.
Повеќе од 300 деца, наставници и родители имаа единствена можност да ја доживеат убавината на општината од поинаква перспектива, уживајќи во погледот од височина со балон на топол воздух. Настанот предизвика голем интерес кај присутните, кои имаа можност да создадат незаборавни спомени и да уживаат во несекојдневното искуство.
Организаторите најавија дека ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период. Следниот настан е планиран за почетокот на август и ќе биде наменет за сограѓаните кои се на привремена или трајна работа во странство, а летниот престој го минуваат во родниот крај.
Воедно, во наредните денови ќе се следат временските услови, по што јавноста ќе биде дополнително информирана за планираниот лет со балон на топол воздух од манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓи и Свети Антониј“ до Колешино. Според најавите, летот ќе се одвива на височина поголема од 2.000 метри и се очекува да понуди уште едно спектакуларно доживување за учесниците.
Настанот уште еднаш покажа дека ваквите содржини привлекуваат голем интерес и претставуваат вистинска можност за промоција на природните убавини и туристичките потенцијали на регионот.





















