strumica denes logo

НЕДЕЛНА РУБРИКА СО Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Совети и препораки за женското здравје!

Автор:

Датум:

август 25, 2024

Автор:

Датум:

август 25, 2024

Совети, колумни, прашања и одговори. Секоја недела во 14:00 часот со Д-р Никола Маџунков. Најдобра нега преку професионален и непосреден однос меѓу лекарот и пациентот. Оваа недела со Д-р Никола Маџунков зборуваме за женското здравје!

Женско здравје

Главна причина за нарушување на женското здравје, според Светска здравствена организација (WHO), е карциномот.

Најчести карциноми кои се опасност за женското здравје се карцином на дојка и карцином на грло на матка. Затоа раното откривање на овие два карциноми, претставува клуч за одржување на женското здравје.

Превентивната медицина има клучна улога за рано откривање на вакви карциноми. Со помош на редовни контроли, превентивни тестови како и со едукација и насоки кон здрав начин на живот секоја жена може да се справи со овие опасности по женското здравје.

Превенција на карцином на дојка

Жените кои се без ризик фактори за развој на карцином на дојка ( без фамилијарна историја на болест ), со промена на начинот на живот драстично го намалуваат ризикот од карцином на дојка. Битно е да се одржува здрава телесна тежина, да се внимава на начинот на исхрана, да се биде физички активен и да се прават рутински прегледи.

Биди физички активен: редовната физичка активност драстично го намалува ризикот од карцином на дојка

Избегнувај алкохол во големи количини: алкохолот го зголемува ризикот од карцином на дојка. Доколку пиете алкохол, лимитирајте го на еден до два пијалоци дневно.

Здрава телесна тежина: зголемена телесна тежина е поврзана со ризик од карцином на дојка на повозрасни години.

Балансирана и здрава исхрана: науката покажува дека балансирана исхрана значително го намалува ризикот од карцином на дојка и други болести. Медитеранската исхрана која се состои од претежно растителни производи и масти од растително потекло е поврзана со намален ризик од карцином на дојка – да јадеме тоа што е свежо на пазар !!.

Рутински контроли: подразбираат редовен самопреглед на дојки (вашиот лекар ќе ви ги даде потребните инструкции за прегледот), редовни ултразвучни контроли на дојки и мамографија.

Жените кои имаат ризик од карцином на дојка ( односно имаат фамилијарна историја на карцином на дојка, позната генетска мутација и др.) потребно е освен горенаведените препораки, да направат и:

Генетско советување и тестирање: потребно е да се направи тест за мутации на гените BRCA 1 и BRCA 2. Тоа се гени кои го зголемуваат ризикот од појава на карцином на дојка.

Почести рутински контроли: ултразвучни контроли на дојки на 12 месеци и рано започнување со мамографија.

Лекарства кои го намалуваат ризикот од карцином на дојка: лекарства кои ќе го намалат влијанието на хормоните врз развој на карцином. Ваквите лекарства се достапни само во консултација со лекар.

Превентивна хирургија: кај жени со многу висок ризик се препорачува и превентивна операција на дојки.

Превенција на карцином на грло на матка

Карцином на грло на матка се спречува преку редовни гинеколошки контроли каде се прават прегледи и тестови за да се пронајдат пре-канцерозни промени на грлото на матката, кои се третираат навремено.

Добар начин за заштита претставува и ХПВ вакцината која се аплицира кај млади девојки.

Тестови и прегледи кои се користат за рано откривање на преканцерозни промени и карцоном на грло на матка се:

ПАП тест – тест преку кој се откриваат рани промени на клетките на грлото на матка кои може да преминат во карцином. Се состои од земање на клетки од грлото на матка. Обично се прави во тек на рутински гинеколошки преглед. ПАП тестот може да се комбинира со брис за ХПВ типизација.

Колпоскопија – процедура преку која со повеќекратно зголемување на колпоскоп (камера) се набљудува грлото на матка, вагина и вулва. Односно се гледа дали постојат промени, сомнителни за пре-канцерозни промени. Обично се прави доколку вашиот ПАП тест покажува сомнителен наод. Доколку се појават сомнителни зони при колпоскопијата, се зема биопсија од сомнителното место и се испраќа на хистопатолошка анализа.

ХПВ типизација – се земаат клетки од грлото на матката и се анализираат за присуство на најчестите типови на ХПВ вируси кои се поврзани со карцином на грло на матка. Има различни препораки за ХПВ типизација – идеално е доколку секоја жена од 25 до 65 годишна возраст направи ХПВ типизација еднаш на 5 години.

Дополнителни мерки и постапки преку кои може да се спречи карцином на грло на матка се:

Практикување на безбедни сексуални односи – преку користење кондоми!

Здрав начин на живот – движете се!

Здрава исхрана – многу свежо овошје и зеленчук!

СТОП за цигарите ! – се смета дека никотинот од цигарите ја оштетува ДНК на клетките од грлото на матката, и ги прави подложни кон развој на пре-канцерозни промени.

Здравите навики се најдобар начин да се избегнат овие болести и да се има долг и среќен живот.