Законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи влегува во завршна фаза и веќе во вторник ќе се најде на владина седница. По неговото усвојување од страна на Владата, се очекува во најкус можен рок да биде доставен и до Собранието.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека предложеното законско решение е резултат на консултации со сите засегнати страни, вклучително и претставници на тутунската индустрија, угостителскиот сектор, хотелиерите и стопанските комори.
Според најавите, законот ќе стапи во сила веднаш по неговото донесување, но за угостителските објекти е предвиден грејс период од 12 месеци за адаптација на терасите и другите простори согласно новите правила.
Претставниците на угостителскиот сектор го поздравија ваквото решение, оценувајќи дека едногодишниот рок ќе им овозможи постепено да ги приспособат своите објекти и да ги намалат економските последици од новите законски обврски.
Од Владата нагласуваат дека главната цел на законот е заштита на јавното здравје, како и дополнително ограничување на пристапот и употребата на тутунски производи кај малолетниците.
Новиот закон предвидува и засилен инспекциски надзор. Министерот за здравство Азир Алиу посочи дека ќе бидат вклучени 14 надзорни органи со јасно дефинирани надлежности, со цел поефикасно спроведување на законските одредби.
Премиерот Мицкоски порача дека нема да има привилегирани и дека секое непочитување на законот ќе биде санкционирано, без разлика на тоа кој стои зад прекршувањето. Според него, инспекциските контроли ќе бидат редовни, а казните ќе се применуваат доследно за сите кои нема да ги почитуваат новите правила.






















