КРСТЕ ДИМЧЕВ: Депресијата и анксиозноста во модерниот свет!

Крсте Димчев, студент на психологија на Меѓународен Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“

Денеска живееме во модерен свет со модерни вредности и идеали. Создаден на софистициран начин да ни го олесни животот. Немаме константни традиционални војни како пред неколку векови, имаме лек за повеќето болести, патувањето е полесно и побрзо, едноставно сите средства во светот не биле достапни на ниво на кое што се сега. Дизајнирани сме да бидеме подарени со комфорт во кое било време.

Ковид пандемијата ја пребродивме(или, барем така мислиме), водевме безбројни битки, примавме вакцини, седевме заклучени дома и последиците ги трпиме се’уште. Луѓето сега се повеќе бараат помош кај психолози бидејќи сакаат да го излечат својот ум од болни мисли кои се продукт главно од модерниот свет на конзумација, на задоволство итн. За жал, не знаеме денес како изгледа здравиот живот. Пандемијата беше онаа посебна „јагода на шлаг“. Депресијата и анксиозноста се болести кои се раѓаат од мрачни, или всушност одредени услови на денешниот живот во 21 век. Токму тие услови на живот не охрабруваат да бидеме вештачки роботи, да не бидеме суштества и да немаме чувства, да не се социјализираме, да не се движиме надвор во природа. Потоа се чудиме зошто квалитетот на животот е катастрофално погоден.

Депресијата како ментално растројство се карактеризира со неспособност да се искуси/чувствува задоволство од активности кои генерално предизвикуваат задоволство кај други луѓе. Симптоми се слабо расположение, меланхолија, забележуваме индиферентни експресии на лицето, суицидални мисли. Ќе ви кажам пример од личност која порано имала депресија, а сега е закрепната и во добра ментална состојба. Пазете, ова се случува откако таа ја пребродела депресијата.

Микаела била љубител на кучиња. Таа чувала мало кутре кое многу го сакала. Ако не сте љубител на кучиња, верувам дека барем сте запознале некој што е. Еден ден кучето починало. Микаела недела дена била тажна и во депресивна состојба. Се затворала со својата соба и не сакала да зборува со родителите. Тој период поминал и татко и ја прашал како се чувстува таа. Таа рекла дека се чувствувала ужасно, но болката не била никако споредлива со онаа кога имала депресија.

Сакала да каже дека интензитетот е далеку пострашен кога имала депресија отколку кога починало кутрето. Микаела опишува дека кога ќе се разбуди наутро мисли дека нема да може да издржи да го доживее денот. Едноставно мисли дека треба да го прекине страдањето на еден начин или друг. Еве ви интерпретација како изгледа депресијата како ментално растројство.

За да откриете дали имате депресија, препорачувам да се запрашате неколку прашања.

Дали имате работа? Дали имате рутина? Ова е најпрвиот чекор бидејќи е научно докажано дека ако го нарушите деноноќниот ритам на сон, ќе се чувствувате лошо. Несвесно примате сигнал дека ако не станувате секој ден во слично време немате воопшто причина зошто да станувате и да правите било што. Автоматски тоа значи дека немате цел во животот и не правите ништо значајно. Како возрасен ако немате работа, финансиската состојба за брзо време ќе ви претрпи колапс бидејќи така работи денешното општество во кое живееме. Следно прашање е дали сте жртва на зависност од супстанца? Може тоа да биде алкохол или дрога. Дали имате активен социјален живот? Во смисла, дали ги гледате вашите пријатели често.

Дали имате интимна врска со партнер? Ако одговорот на сите овие прашања е „не“, тогаш поголема веројатност е да имате лоши животни околности. Веројатно чувствувате тага бидејќи не ви е исполнет животот со значење и блиски луѓе околу вас. Кога ќе се посветите да ги смените сиве овие работи и сеуште се чувствувате лошо и депресивно, тогаш ќе заклучите дека имате депресија. Бидејќи можеме да кажеме дека се чувствуваме депресивно кога сме осамени, не сме во можност да ги видиме пријателите. Тогаш зборот „депресија“ го користиме како синоним за „тага“. Или уште посериозно сценарио би било ако изгубиме член од семејството. Тогаш ни е дозволено, па дури препорачано да се чувствуваме тажно бидејќи тоа е една од најголемите болки што ги знаеме. Депресивната личност мора прво да прима антидепресиви па потоа да премине на терапија.

Анксиозноста е уште еден проблем од кој страдаме кој е исто така актуелен. Анксиозноста ја претставуваме како негативна емоција која трае повеќе време и е поврзана со настани во иднината. Вашиот мозок сака да ве предупреди за моментите што следат со кои не сте добро запознати. Како добар родител, тој сака да го открие непознатото за подобро да можете да ја научите природата на непознатото и како тоа функционира што и да е. Кога ќе знаете како функционира она непознато ќе знаете како да се справите. Не мислете дека ќе бидете заштитени бидејќи не постои такво нешто. Воопшто човекот како суштество учи за нови предизвици за да ги осознае и да знае како да ги помине, не да биде заштитен од нив. Ако бидеме заштитени од предизвици тогаш нема ништо благородно, ентузијастично и одушевувачко за она што го правиме во животот.

Ќе искористам уште еден пример: ако треба да одите на слава кај некој и ако денот пред тоа мислите како ќе влезете, како ќе се поздравите, како ќе се однесувате кога ќе седнете и се плашите од таа помисла тоа е добар индикатор на анксиозност. Делот од мозокот кој ви ги дава тие сигнали едноставно сака да ве спреми за ситуацијата. Ако сакате да ги игнорирате тие мисли, му кажувате на мозокот: „Не сакам да те слушам!“. А тој е вашиот прв ангел чувар за вашето здравје па ќе ви каже: „Не сакам да страдаш во овој настан и сакам да те подготвам и затоа што ме игнорираш, пак ќе ти ги повторам овие мисли со поголем интензитет со цел да ме послушаш“. Па тогаш ќе се прашате… океј, ако така мислиш можеби треба да те послушам. Првиот чекор кој треба да го направите е да ги пречекате тие мисли да се манифестираат во најчиста сурова форма како што се. Тоа е најпрвиот чекор кој ќе го направите и треба да се потсетите дека тоа не е лесно и дури потсетете се да бидете горди на себе, бидејќи бевте храбри иако бевте исплашени што е многу важно.

Следниот чекот е да го изиграте сценариото како мислите дека ќе биде најдобро. Може на повеќе начини тоа да го направите. Можеби сакате да напишете како мислите да се поздравите со сите, па ќе земете лист хартија и пенкало и ќе седнете во соба и ќе ги претворите мислите во физичка форма буквално. Нема да згрешите ако сакате на ваш близок пријател да му кажете за ова. Чекор по чекор ќе кажете како мислите дека ќе бидете добредојдени како гости и како ќе се чувстувате додека да седнете на маса. Проблемот за анксиозност, било каков и да е, е секогаш огромен кога ни е оставен во глава и особено кога не сакаме да се справиме со него и едноставно се трупат мислите и емоциите.

Така кога ќе им кажеме „добредојде во мојот свет“, ќе ги совладаме полесно бидејќи ќе се охрабриме самите себе да се чувствуваме дека сме способни дека можеме тоа да го направиме што всушност е најважното нешто во животот. Ќе го распарчите проблемот на помали делчиња и ќе ги изиграте сите сценарија, без разлика дали ќе ги напишете некаде или ќе се искажете на пријателот/пријателката, колку и да е тоа страшно. Со тоа следен пат кога ќе имате ваква ситуација нема да одите несигурни во себе, можеби исплашени но сепак храбри.

Наредниот пат вие нема да ја гледате ситуацијата како непозната, туку напротив природно ќе се однесувате и течно ќе се одвива настанот.

Бенефитот е огромен ако доброволно одлучите да се справите со вашите проблеми,предизвициили стресови од било каква природа. Да кажеме ако се борите недоброволно со предизвик со кој не сте запознати и немате план како ќе го совладате, вашиот ум и тело користи т.н. одбранбени механизми со што ги користи сите можни резерви на енергија за да ве заштити од штетата на проблемот или стресот. Што значи откако ќе заврши битката вие ќе бидете истоштени и ќе сакате да се одморите.

Ако доброволно се соочите со предизвикот, се вклучува делот од мозокот одговорен за постигнување на цели и кога го совладувате проблемот со доволен успех, тој ве наградува директно со позитивни емоции. Ќе се зачудите, но докажано е дека ако препознаете дека имате напредок кон некоја цел има слично дејство на комфорт која ви ја намалува болката. Што всушност вие сами ја носите одлуката дали ќе се справите со предизвици на доброволен начин со структуриран план кое е здраво за вас, или спротивното кое ќе ве натера да се чувствувате лошо и несигурно за себе, што евентуално ве носи како река кон ментални проблеми.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ