Се прават анализи за воведување современ систем на наплата, со електронски тагови на влезовите и на излезите на автопатиштата, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски за „Слободен печат“.
Долгите колони пред наплатните рампи, запирањето на возилата и губењето време при патување би можеле постепено да станат минато доколку Македонија го реализира планот за модернизација на системот за наплата на патарините. Надлежните разгледуваат нов модел што би овозможил побрзо движење на возилата, поголема употреба на електронската наплата и осовременување на патната инфраструктура. Првите анализи се насочени кон патот Кичево – Охрид, а потоа се разгледува можноста за примена и на Коридорот 8, како и на автопатските делници што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски во изјава за „Слободен печат“ посочува дека се анализираат можностите за воведување нов систем, но дека засега нема утврден датум за почеток на неговата примена. За реализацијата, меѓу другото, ќе биде потребно да се воспостави соодветна законска рамка.
Извор на информацијата: „Слободен Печат“
























