На 18 октомври 2026 година, со почеток во 11:00 часот, на платформата под Смоларскиот водопад ќе се одржи „Костенијада 2026“. Манифестацијата ќе понуди дегустација на топли костени, музички настапи, традиционални македонски ора и едукативни предавања.
За музичкиот дел ќе се погрижи Дамјан Стојаноски, кој ќе настапи со македонски песни, додека КУД „Јане Сандански“ од Ново Село ќе ја претстави македонската фолклорна традиција преку изведба на ора. Дополнителен настап ќе приредат Јане Крстев, Пале Ѓорѓиева и Давид Стојанов, кои со три тапани ќе донесат силен македонски ритам.
Во рамките на едукативната програма, д-р Александар Митов ќе одржи предавање за здрава исхрана и здрави животни навики. За значењето на костенот, како и за начините на негово одржување и одгледување, ќе говори проф. д-р Јане Ацевски од Шумарскиот факултет.
Според најавата, годинава манифестацијата за првпат од нејзиното одржување треба да се реализира на асфалтирано плато. „Костенијада 2026“ е поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да го посетат Смолари и да уживаат во есенскиот амбиент под Смоларскиот водопад, со топли костени, македонска музика и дружење.
























