Во КПУ Затвор Струмица во изминатиот период се реализирани повеќе инфраструктурни зафати со цел подобрување на условите за работа, функционирањето на установата и престојот во нејзините простории. Како што информираше раководството на установата, целосно е реновирана трпезаријата, при што е заменета дотраената железна столарија со нова висококвалитетна ПВЦ столарија, поставена е хидроизолација, а просторот е целосно молерисан.
Покрај тоа, целосно е реконструирана и дежурната просторија на затворската полиција. Во рамки на реконструкцијата се извршени замена на столаријата, поставување хидроизолација, ѕидарски и завршни работи, поставен е квалитетен ламинат, а просторијата е опремена и со нов канцелариски инвентар.
Дополнително, една напуштена просторија е пренаменета во современо уредена просторија за посети. Новиот простор е опремен со мебел, телевизор и клима-уред, со што, според раководството, се обезбедуваат подобри и похумани услови за реализација на посетите.
Од КПУ Затвор Струмица посочуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со инвестиции во модернизација на установата, подобрување на условите за работа и унапредување на целокупното функционирање, нагласувајќи дека реализираните проекти се потврда за одговорно и домаќинско управување.
Целосната фотогаелрија може да ја погледнете на следниот линк: https://www.facebook.com/strumicadenes/posts/pfbid02rxbggR7srpUwbHkRL2tChzYLUDBLaEfK8KNNHeHPyefLSqkqTcCYhgY6R6Kozkoel






















