ЈПКД „Комуналец“ – Струмица најави конкретни мерки за санација и подобрување на безбедноста на депонијата во Доброшинци, каде неодамна избувна пожар.
Веднаш по појавата на огнот, екипите на претпријатието, заедно со противпожарните служби, интервенирале со расположливата механизација и ја стабилизирале состојбата. Според првичните согледувања, како една од можните причини за пожарот се посочува самозапалување предизвикано од метан, кој се создава при разградувањето на органскиот отпад.
Во наредниот период ќе биде ангажирана дополнителна механизација за оперативна санација на депонијата, а предвидено е и поставување целосен видеонадзор. Состојбата ќе се следи континуирано со цел навремено спречување слични инциденти.
Од „Комуналец“ посочуваат дека долгогодишните предизвици со управувањето и опременоста на депонијата бараат системско решение и уверуваат дека ќе продолжат со преземање мерки за нејзино одговорно и современо управување.





















