На седницата на Локалниот совет за превенција при Општина Струмица, посветена на безбедноста во сообраќајот, посебен акцент беше ставен на сè поактуелниот проблем со употребата на електрични тротинети, особено меѓу децата и младите.
Претставниците на Родителски фронт во своето обраќање посочија дека, иако постои законска регулатива за користење на електричните тротинети, во пракса се забележуваат сериозни недоследности како во самите законски решенија, така и во нивната примена на терен.
На седницата беа отворени повеќе важни прашања поврзани со безбедноста во сообраќајот, меѓу кои дали децата на возраст од 14 години се доволно подготвени да бидат активни учесници во сообраќајот, како се врши контрола и легитимирање на малолетници, како се регулира брзината на електричните тротинети и дали надлежните институции располагаат со доволен капацитет за ефикасен надзор.
Од Родителски фронт укажаа дека секојдневно на улиците и тротоарите во Струмица може да се забележат бројни небезбедни ситуации, меѓу кои деца кои управуваат тротинети без заштитна опрема, возење на две лица на еден тротинет, како и случаи кога родители превезуваат мали деца без почитување на основните безбедносни стандарди.
Во дискусијата беше нагласено дека одговорноста не е само кај институциите, туку и кај родителите, кои ги купуваат тротинетите, дозволуваат нивно користење и треба да проценат дали нивното дете е подготвено за безбедно учество во сообраќајот.
Истовремено, беше отворено и прашањето за улогата на институциите и присуството на полицијата на терен, со оглед на тоа што честото непочитување на правилата укажува на потреба од поефикасен надзор и доследна примена на законските одредби.
Како можни решенија, Родителски фронт предложи засилени превентивни и едукативни кампањи, задолжителна употреба на заштитна опрема, поголема сообраќајна едукација во училиштата, почести контроли во близина на училиштата и пешачките зони, како и отворање поширока дебата за дополнување и измена на законската регулатива таму каде што постојат практични и системски недоречености.
Во насока на подигнување на јавната свест, од Родителски фронт информираа дека веќе е изготвен едукативно-информативен материјал за безбедно користење на електрични тротинети и за родителските обврски поврзани со безбедноста на децата во сообраќајот.
Од организацијата порачаа дека безбедноста на децата во сообраќајот не смее да биде оставена на случајност, туку бара заедничка одговорност од родителите, институциите и целата заедница.






















