ИНТЕРВЈУ СО КОСТА КОСТАДИНОВ: Мојата задача е да работам за општина Струмица да оди напред, посветена на сите вас, како нејзини жители!

октомври 15, 2021

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Господине Костадинов, на струмичани веќе сте им добро познат, не само како пратеник и докажан партиски функционер на СДСМ, а и како вршител на должноста градоначалник на општината, во периодот февруари‐ноември 2017 година. Кои се мотивите зад вашата повторна кандидатура? Зошто во 2017 година, на тогашните локални избори не ја побаравте довербата на струмичани, а тоа го правите денес, по четири години?

КОСТА КОСТАДИНОВ: Воден од семејните и општествените вредности и понесен од силни амбиции за напредок, пред повеќе од 10 години решив да се приклучам кон социјал‐демократската филозофија. Како активен член младинската организација на СДСМ во Струмица барав и добивав соодветни задачи на кои, со максимална посветеност одговарав, без исклучок. Од година во година континуирано се профилирав во активен политичар. Во 2016 година добив можност во период од 11 месеци да ја предводам Струмица како нејзин Градоначалник. Тоа искуство и довербата која ми се даде беа мотив, кураж да одам понатаму во политичката кариера и како Народен избраник во Собранието на Северна Македонија да се носам со исклучително сериозни задачи во рамки на пленарните седници, но, подеднакво и во собраниските комисии, како член и предводник. Понесен од партиската идеологија, довербата од моите политички ментори и пред сé од сопствената верба во евро‐атлантската иднина на нашата држава, бев протагонист и директен учесник на многу важни, историски одлуки во македонското Собрание. Мотивиран токму од потенцијалите кои ги препознав за нашето Општество, можностите и иднината во регионалниот развој, како и европската филозофија за локално делување, одлучив политичката кариера да ја продолжам во рамки на Локалната самоуправа.

Со кандидатурата за Градоначалник на општина Струмица имам намера да се насочам 100% кон моето родно место, градот кој го знам и познавам и за кој знам дека можам многу да направам. Сметам дека токму на ваков начин, со локален пристап, чекор по чекор може да се даде придонес за целокупната слика и добросостојба за нашата татковина, најнапред, поаѓајќи од грижата за сограѓаните. Денес, имам снага, желба, знаење и искуство и 100% сум подготвен да ги вложам во мојата Струмица. На овој начин, сигурен сум дека и јас, лично и професионално, а и Општината ќе се движиме на патот кон уште поголем напредок и развој.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Периодот од неколку месеци што го имавте во 2017 година не е доволен за реализација на поголем број капитални проекти. Што струмичани да очекуваат од Вас сега, ако гласовите бидат на Ваша страна и Ви дадат надлежност за четиригодишно водење на општината? Сметате ли дека сега имате повеќе политичко искуство?

КОСТА КОСТАДИНОВ: Мојата визија за Струмица е јасна ‐ Општина препознатлива по силни економски параметри; Општина ‐ пример за планирање и реализација на европски проекти; Општина во која социјалната инклузија е нормално секојдневие и во која младите ќе гледаат потенцијал и иднина; Град кој и понатаму ќе биде препознатлив по спортски и културни случувања; Струмица – Центар на Балканот кој ќе значи иницијатор на Регионални иницијативи за зближување и заеднички живот, во сите сфери. Сето ова планирам да го преточам во реалност преку програма која се фокусира на различни сегменти, а како клучни проекти во неа во детали се опфатени: Чешел пазар; Нова противпожарна станица; Булевар по порој “Св. Илија“ низ касарната; Булевар “Братство и Единство“ кон Агроберзата; Булеварска делница, во правец на булеварот “Климент Охридски“ кон Жито Струмица, кон бензинската пумпа на “Макпетрол“ и кон Куклиш; Дом на културата во Банско и во Куклиш; Нов градски пазар; Реконструкција на нашиот градски плоштад “Гоце Делчев“; За младите, современ адреналински парк на ридот над Струмица.

Мисијата и целта ми се јасни – одиме напред, со решенија за одржување и унапредување на сето тоа што досега е направено и преку развој или подигнување на нови проекти. Максимална транспарентност и отчетност, со точно и навремено делување и работа во сите сегменти кои се од суштинско значење за Струмица, кои ќе бидат третирани во секојдневието и за потребите на сите полови и старосни категории граѓанки и граѓани кои живеат на територијата на нашата Општина. Мојот пат е јасен – за Струмица, со срце! Со еден ваков личен пристап и ваква работна филозофија, со внимателно осмислена програма која ги опфаќа сите аспекти со кои се задоволуваат потребите на жителите во Општината и заедно, со тим составен од посветени професионалци, верувам дека Општина Струмица ќе биде насочена кон уште поголем напредок.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Во програмата имате голем број проекти за реализирање. Кои проекти ќе бидат најтешки за реализирање, но истворемено ќе бидат од суштинска важност за граѓаните и на еден начин ќе претставуваат убав белег и спомен од Вашето работење, години напред?

КОСТА КОСТАДИНОВ: За реализација на проектите, без разлика на нивната обемност и тежина, суштински важно е да постојат финансиски средства. Тука недвосмислено сакам да укажам дека планирањето, одржувањето и најважно полнењето на општинскиот буџет ќе биде сржта на целокупните проекти и активности. А што се однесува на препознаеноста на она што ќе го реализираме за време на мандатот и во зависност од потребите на жителите на Општината, верувам дека Струмичани ќе бидат најдоброто мерило. Сепак, би сакал како исклучително важни да ги издвојам проектите кои се поврзани со изведба на инфраструктура, затоа што модерна, современа и функционална инфраструктура на територијата на цела Општина Струмица е еден од предусловите за развој, во секоја смисла на зборот.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: На еден од митинзите, премиерот Заев беше изјавил дека во Вас се гледа себе на помлади години, дека со истиот жар и тој се имал посветено на водењето на општината во времето на неговите почетоци. Впрочем, ова не е првпат премиерот да Ви укажува доверба и ајде да речеме, да Ве „фаворизира“ ‐ самиот тој во 2017 година Ве назначи за негов заменик, што значи дека уште тогаш цврсто верувал во Вашите способности и политички инстинкти. Што мислите Вие, големи ли се сличностите помеѓу вас двајца? Лесно ли е да се стекне миленик на лидерот на партијата? Што е она што ве зближува карактерно со Зоран Заев, а што е она по што многу се разликувате од премиерот?

КОСТА КОСТАДИНОВ: Како активен член на СДММ во Струмица, а понатаму и на СДСМ, од година во година, континуирано учев од најдобриот и се профилирав во активен политичар. Ја имав можноста да гледам како Зоран Заев со срце ја развива Струмица од “слепо црево на југоистокот на татковината“ до град ‐ пример за целата наша држава. Како избирајќи помеѓу Татковината и сопствениот рејтинг, го одбра првото, најважното. Сепак, без разлика на мојата јавна функција, сегашна и идна, сакам да потенцирам дека секоја споредба и паралела со претходници, колеги па и со конкуренти е несоодветна. Сакам и можам да зборувам единствено за она што јас ќе го направам ‐ преку посветена работа, планирање и реализација на мојата програма за работа ќе се фокусирам на актуелните приоритетни прашања согласно потребите на жителите на општина Струмица, водејќи ја Општината чекор напред, кон поставените цели кои ќе ги дефинираме во синергија со граѓаните.

А секако, како што веќе кажав, секој придонес за Општина Струмица, вклучително и на Премиерот Зоран Заев за време на неговите мандати, како исклучително успешен Градоначалник е за пример, почит и респект.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кој е Костадин Костадинов приватно, кога камерите се изгаснати? Како претпочитате да го минувате слободното време, кои се Вашите хобија, приоритети во приватниот живот и дали Костадин којшто ѝ е познат на јавноста многу се разликува од Костадин, којшто им е познат на најблиските? Од кого ја добивате најголемата поддршка во текот на оваа изборна кампања?

КОСТА КОСТАДИНОВ: Се сметам за многу едноставен човек и прилично дискретен. Мојот приватен живот ќе се трудам да го држам во рамки на мојот дом и семејство, секако свесен дека статусот на јавна личност тоа понекогаш не го дозволува. Струмичани ме познаваат како човек кој што сака да се дружи, да прошета. Се рекреирам доволно, а интензивниот спорт не ми е некоја голема врлина. Исклучок е возењето мотор, ако се изземе дека е тоа спорт, кое го правам во секое слободно време, заедно со мојата сопруга Марија.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Какви се Вашите впечатоци од досегашната предизборна кампања? Сметате ли дека имате фер однос со противничката партија?

КОСТА КОСТАДИНОВ: Оценката за мојот однос кон кампањата и воопшто кон против‐кандидатите е неблагодарно да ја давам јас. Знам едно нешто – планиравме и реализиравме исклучителна прагматична кампања во која што на директен начин, во непосреден разговор и средби со жителите на Општината кажавме што сме направиле и како направеното ќе го усовршуваме и водиме напред, кон уште подобро! Дека ќе служам на граѓаните не е само политичка флоскула, туку моја лична методологија за начинот на кој со слух на струмичкиот глас ќе ја водам општината напред. За крај, чисто илустративно, слободно отворете ги сите канали преку кои комуницираме со Струмичани во оваа кампања и погледнете дали барем на едно место постои конфронтација или на било каков начин деградирање на политичките опоненти. Тоа нема да биде само мојата филозофија во кампањата, туку исто така, како Градоначалник ќе бидам еднаков за сите жители на општина Струмица.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Господине Костадинов, непобивен факт е дека Струмица претставува едно од најистрајните жаришта на СДСМ децении наназад, дури можеме да ја претставиме како ваша тврдина, којашто останала лојална на вашата партија, дури и кога речиси сите градови се биле обоени во боите на ВМРО‐ДПМНЕ. Сметате ли дека така ќе биде и овојпат?

КОСТА КОСТАДИНОВ: Знам дека Струмичани се остроумни и мудри. Знаат и го препознаваат најдоброто. А така ќе биде и овојпат.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што би им порачале на струмичани за крај?

КОСТА КОСТАДИНОВ: На почетокот, од тука, на ова место, од Струмица, јас Костадин Костадинов стојам и ќе стојам исправен пред сите вас и по 17. октомври. Исправен затоа што мојата задача е да работам за Општина Струмица да оди напред, посветена на сите вас, како нејзини жители. Ве повикувам сите струмичанки и струмичани, жители на Општина Струмица – гласајте на 17. октомври, гласајте за најдоброто, гласајте и дајте ја довербата на луѓето кои имаат јасна визија и цел – како Струмица да напредува, расте и се развива. Затоа што видовме и ќе гледаме дека Струмица се сака, со срце!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ