Интервју на Струмица Денес со Д-р Никола Маџунков, носител на избирачка листа на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кој е Никола Маџунков приватно, кога камерите се изгаснати? Како претпочитате да гоминувате слободнот овреме, кои се Вашите хобија, приоритети во приватниот живот и дали доктор Маџунков кој што ѝ епознат на јавноста многу серазликува од она што Вие сте пред најблиските? Од кого ја добивате најголемата поддршка во текот на оваа изборна кампања?
Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Приватно сум сопруг и татко, сакам да поминувам време со семејството и фамилијата. Слободното време со фамилијата го поминуваме во спортување и пред се во патувања низ Македонија. Имаме многу убави места и села во Македонија и уживаме во кулинарски специјалитети. Сакам да бидам активен па кога сум слободен сакам да спортувам. Меѓутоа во слобдно време најмногу сакам да поминувам време во читање. Ја сакам филозофијата и историјата и се трудам постојано да имам книга до мене. Сметам дека книгите го прошируваат нашето знаење но пред се го прошируваат нашиот дух. Не сум многу различен дома и пред јавноста, се трудам секогаш да бидам искрен и да се борам против неправдите.
Најголема подршка како и секогаш е мојата фамилија.
СТРУМИЦА ДЕНЕС:Господине Маџунков, на струмичани сте им добро познат како посветен професионалец, гинеколог и лекар којшто заедно со својот тим успеал да внесе џагор и детска смеа во домовите на многу брачни другари, коишто имале проблем со зачнувањето. Кога се појавивте на избирачката листа на ВМРО-ДПМНЕ, веќе излеговте надвор од границите на Вашата клиника и запловивте во политичките води. Ова не е првпат лекари да бидат ангажирани со политички улоги, како во нашиот, така и во другите градови. Oна што најмногу ги интересира граѓаните e – Зошто еден лекар, докажан во својата област, сака да влезе во трка за советничко место? Сметате ли дека белиот мантил Ви носи предност во кандидатурата?
Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Сметам дека членовите во Советот на град Струмица треба да бидат истакнати граѓани и професионалци кои се докажале во својата професија. Луѓе кои своето искуство и организациски способности можат да ги пренесат во Советот за да се грижат за Струмица и граѓаните на Струмица. Членовите на Советот треба да се луѓе кои покажале дека знаат како е да се грижиш за потребите на луѓето.
Затоа решив да бидам кандидат за советник и Носител на листа за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Сакам преку работата во Советот да помогнам во многубројните проблеми со кои се соочува нашата општина Струмица. Сакам целото мое искуство од државни и приватни организации да го искористам за нашите граѓани да добијат пред се чиста и средена Општина. Општина во која ќе нема поделби и сите граѓани ќе бидат рамноправни.
Мојата професија сметам дека не е предност. Како лекар се грижам за секој мој пациент. Сметам дека тој начин на работа треба да биде пренесен во работата на Советот и да започнеме да се грижиме за сите граѓани, посебно за социјално загрозените категории. Искуството од мојата професија ќе ми помогне само да го доближам Советот на град Струмица до граѓаните и нивните потреби.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: ВМРО-ДПМНЕ излезе со како што вели „реална“ изборна програма. Кои проекти од програмата Вам особено Ви се драги? Има ли проекти коишто целат кон подобрување на здравствените услуги што струмичани ги добиваат?
Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Програмата со која се претставуваме пред нашите граѓани е пред се реална и се обврзавме да ја спроведеме во целост. Се водевме од реалните потреби на граѓаните и младите во Струмица. Сметам дека сите проекти се потребни и преку нив ќе направиме убава и чиста општина Струмица. Посебно драги би рекол ми се, подобрување на условите во градинките и претварање на нивните дворови во паркови. Подобрување на условите во сите училишта во Струмица, но не да бидат само шминка. Тука би издвоил дека посебно ќе се борам Струмичката библиотека да биде целосно реновирана, но не надворешно! Туку да направиме убави читални, убави услови за вработените, да го зголемиме фондот на книги и да ја зголемиме достапноста на младите до сите светски библиотеки и научни списанија преку интернет.
Од здравствените проекти, се обврзавме да набавиме три амбулантни возила кои ќе помогнат на граѓаните од подалечните населени места да добијат соодветна здравствена заштита. Со овие амбулантни возила исто така ќе спроведуваме и превентивни прегледи за рано откривање на болести, како и соодветна едукација на граѓаните во тие места.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што е она, за кое особено ќе се залагате како Претседател на советот во општина Струмица? Што да очекуваат граѓаните од Вашето работење? Дали после изборите ќе продолжите со извршување на вашите работни задачи како лекар?
Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Како Претседател на советот и прв советник во општина Струмица ќе се залагам пред се општина Струмица да биде чиста, да се спроведуваат проекти кои ќе ги подобрат условите за живот на граѓаните, да направиме услови за нашите стопанственици да вработуваат повеќе граѓани и да донесеме нови инвестиции во стопанството.
Меѓутоа, она за кое исто така силно ќе се залагам е советот на Општина Струмица да биде транспарентен и да го доближам на сите граѓани. Сите граѓани ќе имаат можност да ме контактираат и да ни дадат идеи, да можат да ги кажат своите поплаки и секако да ги кажат своите критики.
Како лекар не сум престанал да работам со пациенти ни во кампањата ниту ќе престанам да работам. Сметам дека најдов нов начин како да им помагам на граѓаните. Отсекогаш сум работел напорно, сум покривал повеќе болници со дежурства и работа, така да работата во општината е предизвик на кој сум спремен да одговорам.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Имавте еден вид работилница за викенд дискусии за здравјето, митинзи, средби со граѓани. Задоволни ли сте од одзивот на граѓаните во текот на предизборната кампања? Сметате ли дека досега се одржува коректно ривалство и фер плеј со вашите противници од СДСМ?
Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Сметам дека граѓаните не треба премногу да ги оптоваруваме со предизборна кампања затоа што има премногу разочарувања, премногу млади луѓе се иселија и премногу се обеќаше а малку се исполнуваше. Време е луѓето што се занимаваат со политика помалку да зборуваат и обеќаат и повеќе да работат во интерес на граѓаните и младите. Граѓаните секогаш ни даваат поддршка, време е да им вратиме.
Предизборната кампања сметам дека од наша страна е коректна и културна и убеден сум дека ќе продолжи до крај така. Двете политички партии имаме одговорност како ќе се однесуваме еден спроти друг затоа што тој однос потоа се пресликува на граѓаните. Ние сме тие кои треба да ја спречиме партиската поделба и конфликти помеѓу граѓаните а тоа ќе го направиме преку коректниот однос за време на кампањата и после тоа.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Господине Маџунков, имајќи го предвид фактот дека Струмица е обоена во боите на СДСМ години наназад, вашите сопартијци победата во Струмица веќе ја опишуваат како преродба за градот. Сметате ли дека овогодинешните кандидати на листата на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи Ве и Вас, се доволно подготвени и организирани да ја извојуваат оваа голема борба и од неа да излезат како победници?
Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Граѓаните во Струмица за прв пат ќе имаат можност да гласаат за личности и реални проекти. Луѓе кои докажале дека знаат како е да се грижиш за друг, луѓе професионалци и пред се луѓе кои створиле свои организации и имаат искуство во организирање и работење. Ние како кандидати не влегуваме како политичари кои цело време обеќаат и ништо не исполнуваат, влегуваме како професионалци кои се спремни општината да ја водат домаќински. Сите кандидати за советници се млади и амбициозни луѓе со многу идеи и проекти за општината.
Секоја борба е тешка, тешко е да допреме до сите граѓани и да се претставиме дека не сме само уште едни политичари кои обеќаат. Меѓутоа тие кои не познаваат, знаат дека сме искрени и енергични луѓе, луѓе спремни да се грижат за другите. Сметам дека добриот глас се шири надалеку и дека граѓаните знаат да препознаат луѓе кои ќе се грижат за нив.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што би им порачале на струмичани за крај?
Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Би им порачал пред се да бидат живи и здрави!
На овие избори ќе имаат можност да гласаат за личности кои ќе се грижат за нив, луѓе кои ќе им бидат достапни и кои ќе ги слушнат. Имаат можност да гласаат за промена со нови и неистрошени кадри.
Ги повикувам да глассат за број 7, затоа што тоа е глас за себе, за својата иднина и за своите деца.
Да направиме Струмица да биде за сите граѓани.