strumica denes logo

ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ: Даваме поддршка на штрајкот на наставниците!

Автор:

Датум:

април 12, 2022

Автор:

Датум:

април 12, 2022

Штрајкот на наставниците организиран од СОНК ја доби поддршката на опозицијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја повика Владата да ги прифати барањата на СОНК и да се нивелираат примањата на сите работници во државата поради растеќката инфлација во земјава.

„Граѓанинот се осиромашува, паричникот е се потенок, тешко се живее, одвај крај со крај се врзува и затоа, наместо да имаме богата Влада сиромашни граѓани, треба да имаме избалансирана состојба во државата, односно Влада која што работи да го подобри стандардот на граѓаните. Затоа, веднаш и под итно да се врати законот во собраниска процедура за зголемување и нивелирање на платите согласно коефициентот на сложеност на работното место и оваа самобендисана Влада да го прифати предлогот на опозицијата и предлогот на синдикатите, ова го гледа како единствен излез од социјалниот притисок кој што и престои на владата како резултат на денешниот штрајк на вработените во образованието“.

Мицкоски вели дека социјални немири допрва претстојат, а решението се предвремемни избори.

Од БЕСА на Касами велат дека како што е загарантирано правото на образование, така загарантирно е и правото на штрајк. Бараат да се покачат платите на наставниот кадар.

„Апелираме до Владата,што поскоро да најде решение за понудените барања на СОНК, бидејќи штрајкот никому не оди во прилог, особено не на учениците. Премиерот и министерот многу добро знаат дека со овие примања на наставниците не се зачувува достоинството на семејството и честа на наставникот, па наместо да им се закануваат и притискаат, треба да се потрудат да излезат во пресрет на барањата“, велат од БЕСА.

СОНК вчера доби поддршка и од Алијанса на Албанците од каде потсетија дека бараат законски измени со кои ќе се изземе можноста за заменички наставници бидејќи со тоа се спречува правото на штрајк во образованието.

Од власта пак, целат дека Владата покажала дека е за повисоки плати во образованието. Од СДСМ ги повикаа наставниците да држат настава.

„Правото на образование е Уставно загарантирано право на секое дете. Затоа ги повикувам наставниците интересот на децата да го стават на прво место.

Голем број на родители денеска се обидуваат да се организираат за денешниот ден заедно со своите деца, поради штрајкот на наставниците.

Бараме од ВМРO-ДПМНЕ да прекине со политизација на штрајкот на СОНК, тоа е на штета на наставниците и на учениците. Toa e последната партија којашто може да зборува нешто за образование или плати на наставници.

Од СДСМ коментираат и дека токму ВМРО-ДПМНЕ ги блокира законските измени за Законот за наставници со кои меѓудругото се предивдуваат и поголеми плати за наставниот кадар.