Локалниот совет за превенција при Општина Струмица денеска ја одржа својата трета работна конференција, на која во фокусот беа безбедноста во сообраќајот и сè поголемата употреба на електрични тротинети, особено меѓу младите.
На конференцијата присуствуваа членови на Советот, претставници на општински и државни институции, училишта, училишни одбори и Родителскиот фронт. Присутните отворија широка и сериозна дискусија за предизвиците што ги носи зголеменото користење на овие превозни средства и потребата од поголема заштита на децата како најранлива категорија учесници во сообраќајот.
Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, истакнал дека е неопходно поголемо внимание кон сообраќајната безбедност во услови кога сè повеќе млади лица користат електрични велосипеди и тротинети, а притоа не ги познаваат доволно сообраќајните правила и ризиците што произлегуваат од нивното непочитување.
Според него, главните цели се подигнување на јавната свест за безбедно учество во сообраќајот, едукација на децата, родителите и младите за правилно користење на електричните велосипеди и тротинети, намалување на сообраќајните незгоди и повреди, како и поттикнување на одговорно однесување на јавните површини.
На конференцијата било нагласено значењето на носењето кацига и друга заштитна опрема, почитувањето на сообраќајните знаци и пешачките премини, како и избегнувањето на користење мобилни телефони и слушалки за време на возењето. Воедно, била истакната потребата од развивање поголема сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот.
Како дел од идните активности биле предложени едукативни работилници во училиштата, информативни кампањи, поделба на флаери и совети, практични презентации од страна на сообраќајната полиција и организирање денови посветени на сообраќајната безбедност.
Учесниците на конференцијата се согласиле дека безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и дека преку навремена едукација, превенција и почитување на правилата може значително да се намалат ризиците и да се зголеми безбедноста на децата, младите и сите граѓани.






















