На денешната редовна седница на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, одржана во полн состав, за нов член на постојаниот (работен) состав на Синодот беше избран Митрополитот Струмички г. Наум, додека за негов заменик беше избран Митрополитот Европски г. Пимен, се наведува во соопштението на Светиот архијерејски синод.
Во соопштението се посочува дека Синодот разгледал повеќе прашања и настани поврзани со животот и дејноста на Црквата, при што ги усвоил годишните извештаи од епархиите на МПЦ – ОА во татковината и дијаспората. Особено внимание било посветено на показателите поврзани со демографската состојба кај македонскиот православен народ.
„Воден од пастирска грижа, Светиот архијерејски синод одлучи да формира Фонд за поткрепа на многудетни семејства“, се вели во соопштението.
Синодот, исто така, ја разгледал состојбата со духовното и културното наследство на македонските храмови и манастири, при што било констатирано дека поради недостиг на стручни кадри за конзервација, дел од нив се наоѓаат во лоша состојба. Воедно, Синодот упатува апел до надлежните институции за преземање соодветни мерки за зачувување на црковното наследство.
Во соопштението се додава и дека е формирана комисија за решавање на материјалната состојба на новоформираните епархии.
Како основач на воспитно-образовните институции при МПЦ – ОА, Синодот ја поздравил работата на Управата на Богословијата, која во учебната 2025/26 година успешно спровела четиригодишна наставна програма, а денот за упис на нови ученици е закажан за 19 јуни 2026 година.






















