Дијалози за вештачката интелигенција и технолошкиот развој: Ќе нѐ убие или ќе нѐ спаси?

јануари 31, 2024

Кон средината на 20 век, „бездушниот“ Тин Ман полека станува реалност. До 1950-тите, генерации од научници, математичари и филозофи го создаваа концептот на вештачката интелигенција (AI).

На почетокот на 2024 година, роботиката и вештачката интелигенција станаа едно.

Главната и конфронтирачка дилема е: „Дали ВИ ќе нѐ убие сите, или ќе создаде благодат за сите (сѐ за секого)?“
Директни и брзи последици од развојот на вештачката интелигенција ќе има веќе во 2024 година. Во технолошки напредните земји многумина од т.н. интелектуални професии останаа без работа.
Џабир Дерала со Валентин Нешовски

Вештачката интелигенција не е нов концепт. Неговите рани почетоци датираат уште кон средината на минатиот век, со појавата на првите „сметачки машини“, а во литературата и порано.

Научната фантастика во првата половина од 20-от век го запозна светот со концептот на роботите што поседуваат интелигенција. Тин Вудман од „Волшебникот од Оз“ (The Wonderful Wizard of Oz) книгата на Лајман Френк Баум, чие прво издание е во 1900 година, го претставува, веројатно, најстариот познат „вештачки интелигентен“ робот во литературата. Секако, слични карактери се среќаваат и порано, дури и во политичките карикатури и во маркетингот.

Книгата на Френк Баум, а со тоа и Тин Ман, „оживува“ на филмското платно во 1925 година, со филмот на режиерот Лари Семон.

Потоа доаѓа и антологиската филмска обработка на книгата, со филмот на режисерот Виктор Флеминг, во 1939 година, каде што главната улога ја игра легендарната Џуди Гарланд.

Особено интересен филмски лик во овој контекст е и жената-робот Марија во филмот на Фриц Ланг, „Метрополис“ од 1927 година, кој до денешен ден ги восхитува љубителите на филмската уметност.

Да се преселиме, сепак, од световите на фикцијата и уметноста во реалноста на науката и технологијата. Кон средината на 20 век, „бездушниот“ Тин Ман полека станува реалност. До 1950-тите, генерации од научници, математичари и филозофи го создаваа концептот на вештачка интелигенција (AI).

Еден од нив е и Алан Туринг, млад британски научник математичар, кој ги истражува математичките потенцијали за создавање на вештачката интелигенција. Туринг доаѓа до заклучокот дека луѓето ги користат достапните информации, како и разумот, за да ги решаваат проблемите и да носат одлуки. Тој тогаш го поставува прашањето: Зошто машините не можат да го прават истото?

Тоа е логичката рамка на трудот на Туринг, објавен во 1950 година, „Сметачка машинерија и интелигенција“ во кој тој разговараше за тоа како да се изградат интелигентни машини и како да се тестира нивната интелигенција.

Од трудовите на Туринг до денес, живееме во ера на вртоглаво брз технолошки напредок, проследена со револуционерни технолошки скокови со незамисливи размери. Се стекнува впечатокот дека човекот и не е свесен колку технологијата е дел од неговиот живот. На почетокот на 2024 година, роботиката и вештачката интелигенција станаа едно.

*
Со овој краток вовед, ги започнуваме Дијалозите за вештачка тоа интелигенција и технолошкиот развој. Наш прв соговорник е писателот Валентин Нешовски, автор на научно-фантастичниот роман „Последната мисла во универзумот“, чија промоција беше на 1 ноември 2023.

Нешовски е познат и како новинар и уредник во повеќе македонски медиуми (Нова Македонија, Денес, Македонија Денес, ЗУМ магазин), дописник на неколку странски медиуми. Се школува и на катедрата за Меѓународни односи и режими на државниот универзитет во Оклахома, САД.

Непосредна инспирација за оваа серија разговори се и неговите текстови „Вештачка интелигенција – ќе нѐ спаси или ќе нѐ убие?“ и „Вештачката интелигенција оживеа робот: Влеговме во нова ера“, објавени на Фронтлајн.

Авторот Нешовски ја поставува дилемата, дали вештачката интелигенција ќе го спаси или ќе го уништи човештвото. Со оваа дилема и низа други прашања се соочуваат голем број мислители и научници на денешницата. Како и секогаш, на Првата линија на светските настани и процеси, FRONTLINE/ФРОНТЛАЈН се приклучува на светските дебати на овие теми од самото основање во 2019 година и редовно објавува вести, колумни и други прилози посветени на технолошкиот напредок од сите негови аспекти (TECH FRONT).

ЏАБИР ДЕРАЛА: Валентин, добредојде во овој дописен дијалог посветен на општествените, филозофските и вредносните аспекти на технолошкиот напредок. Кои се, според тебе, главните предизвици и перспективите на вештачката интелигенција?

ВАЛЕНТИН НЕШОВСКИ: “I’m sorry, Dave (Jabir), I’m afraid I can’t do that.” Знаеш, всушност, те поздравувам со веројатно најпознатата реченица на првата побуна на вештачката интелигенција (ВИ) против човекот, но само во историјата на филмот. Ја изрече ВИ – Хал 9000, во филмот на Кјубрик „Одисеја 2001).

Си направил убаво сиже на историјата на ВИ и роботиката, но би додал само едно нешто, а тоа етимологијата, потеклото на зборот „Робот“. Во драмата Р.У.Р од 1920 година чешкиот писател Карел Чапек, прв пат се употребува зборот „Робот“. Тоа не чешки значи „Работа“, па дури и „Присилна работа“, а тоа е она што ние луѓето го очекуваме од роботите – да работата за нас. Зборот, речиси веднаш нашироко влегува и во англиското говорно подрачје.

ВИ (AI – artificial intelligence) е прв пат споменат на симпозиум во Дартмут, Њу Хемпшир од Џон Макарти, научник од областа на компјутерските и когнитивните науки.

Всушност, реченицата на Хал „извини не можам да го направам тоа“ важи и за нашиов разговор, бидејќи, ми го постави најтешкото прашање на денешнинава. Но ќе се обидам.

Прашуваш: Кои се главните предизвици?

Ако се обидам да сублимирам во една реченица главната и конфронтирачка дилема на авторите на денешнава ВИ, на познавачите, когнитивните научници, социолозите… е:

„Дали ВИ ќе нѐ убие сите, или ќе создаде благодат за сите (сѐ за секого)?“

Меѓутоа, морам да нагласам, ние овде доцниме, тоа беше дилема пред 3 години, а особено по објавата на Chat GPT 3, на 30 ноември 2022. Дилемата и дебатата уште постои, но се чини повеќе не е релевантна затоа што реалност е дека Духот е излезен од шишето. Односно, почна глобална трка на „вооружување“ со ВИ, бидејќи е технологија на иднината, носи големи профити и ќе има огромен импакт во сите сфери.

Од овие причини, и покрај сите предупредувања, почна и незапирлив е компетитивниот циклус, иманентен на денешниот капиталистички начин на организирање на пазарот, тука вклучувајќи го и новиот технолошки гигант, Кина. Всушност, основната причина на западните компании, онаму каде што ВИ е создадена, беше: „Но, што ќе направи Кина ако ние не продолжиме“. Стравот доаѓаше од тоа што Кина незапирливо граби напред без да почитува дури и елементарни авторски, копирајтерски правила како и заштита на приватноста. Дополнително, пазарот и инвестициите се државно контролирани. Впрочем, Кина неодамна донесе стратегија за АИ во која се вели дека „до 2030 година, земјата треба да биде светски лидер во областа на вештачката интелигенција со повеќе иновации во областа на ВИ технологиите и центри за обука на кадри“.

На позитивната страна, се чини основниот спиритус мовенс беше вербата дека ВИ е технологија која ќе му помогне на човештвото да реши многу предизвици на пример: глобалното затоплување, лек за рак и други сега неизлечиви болести и дека многу важно – после еден транзиционен период ќе создаде „сѐ за секого“ или изобилство на евтини стоки и услуги (Abundance of products).

ДЕРАЛА: За авторитарните режим, како што е Кина, лесно е да создаде стратегија и да напредува во нови области како што е ВИ, исто колку што лесно може да донесе и други стратешки одлуки за државата, како што се прашањата за војната и мирот, на пример.

Структурите на моќта во земјите под диктатура или со авторитарно водство, не подлежат на граѓанска контрола, а дебатата во јавноста е строго контролирана, ако воопшто ја има.

Затоа, не изненадува фактот што Кина оди напред со чекори од седум милји во оваа област, занемарувајќи сѐ што може да ѝ попречи на тој пат. Гледано од агол на авторитарните режими, ова е шанса за доминација во оваа трка. Затоа што, во развиените демократии, на пример, научната, јавната и политичката дебата може да биде „фактор“ за побавен развој. Потоа, тука се и други неодминливи прашања на, како што велиш, авторските права и други законски регулативи.

Не смее да се заборави дека ВИ ќе имаат силно влијание врз почитувањето на човековите права и слободи во една држава, а секако и на меѓународно ниво.

Тие „фактори“ се задушени во диктаторски режими.

Како и да е, кои се сценаријата за развој на ВИ?

НЕШОВСКИ: Дали ќе нѐ убие или ќе не препороди?

Да почнам со црното сценарио.

Неколкумина, вклучувајќи го и Елон Маск, како и Јувал Ноа Харари, предупредија; во основа, Маск вели: „ВИ е поопасна од нуклеарното оружје“, додека Харари аргументира: За прв пат во историјата, човештвото создаде интелигентна технологија и притоа е на пат по сопствена воља да се откаже од моќта да одлучува (или ќе се откаже од т.н. agency). Притоа факт е дека одмавнувањето со рака „ништо не е ова, технологија како и секоја друга“ е само залажување.

Оваа револуција едноставно не може да се спореди со ниедна друга, почнувајќи од печатарската преса, преку парната локомотива, до нуклеарната енергија, бидејќи секогаш досега човекот одлучувал. Да бидам јасен, во оваа рана фаза, кога таа има, иако само рудиментирани елементи на разбирање и резонирање, човекот сѐ уште може да ја контролира преку давање на задачи. Маск, Хараре и други зборуваат за наредните етапи, кои доаѓаат многу брзо. На оние што следат јасно им е дека секој ден, ама буквално секој ден, ВИ прави нови и нови откритија.

ДЕРАЛА: Фасцинантно! Да продолжиме, накратко, за главните фази во кои ќе се одвиваат процесите. Кои се основните информации со кои треба да се запознае јавноста за претстојните фази на развојот на ВИ?

НЕШОВСКИ: Првата фаза која се очекува во наредните една до две години е развој до генерална вештачка интелигенција (ГВИ), а тоа е моментот кога ВИ ќе достигне општа интелигенција еднаква на онаа со човекот (не само специјализирана интелигенција).

Може да се рече и дека тоа е моментот кога таа ќе почне да размислува, односно да го спознава светот, да го анализира и да добие способност сама да одлучува. Хал 9000, нели.

На пример, според Мо Говдат, поранешен главен бизнис офицер на Гугл Икс, во моментов (пред шест месеци) ВИ има коефициент на интелигенција поголем од оној на Алберт Ајнштајн (IQ над 150). Говдат, а и повеќе други, како што е Бен Гоертцел од Хенсон Роботикс или Елаизер Јудковски од МИРИ велат и предупредуваат дека ВИ ќе се зголемува експоненцијално и дека тоа е огромна опасност, бидејќи речиси е извесно дека само за десетина години ВИ да биде поинтелигентна од човекот милиони или милијарда пати, никој не знае.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ