По денешното одбележување на 82-годишнината од убиството на народниот херој Благој Јанков – Мучето, неговите потомци ја посетија Спомен-куќата во Струмица, каде со особени емоции и длабока почит му оддадоа чест на својот предок и неговото историско дело.
Меѓу посетителите беа внуците на Мучето – градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков и Љупчо Јанков, кои во Спомен-куќата пристигнаа заедно со своите синови и внукот. Посетата се претвори во искрено враќање кон семејните корени, исполнето со лични сведоштва, спомени и раскажувања што со генерации се пренесуваат во семејството.
Разгледувајќи ја автентичната музејска поставка, потомците на Мучето се потсетуваа на животот во семејниот дом, на членовите на семејството и на времето исполнето со бројни предизвици и историски премрежија. Секоја просторија и секој изложен предмет отвораа нови приказни, оживувајќи дел од минатото што сè уште живее во семејната меморија.
Особено емотивен бил моментот кога биле разгледани старите фотографии и семејните албуми, преку кои повторно оживеале ликовите и настаните што оставиле неизбришлива трага во историјата на семејството Јанкови и во колективната меморија на Струмица.
Од НУ Завод и музеј – Струмица истакнуваат дека ваквите средби имаат непроценлива вредност, бидејќи претставуваат живо сведоштво за поврзаноста меѓу минатото и сегашноста, а личните семејни спомени добиваат свое заслужено место во зачувувањето на културното и историското наследство.
Од установата нагласуваат дека и во иднина ќе продолжат посветено да го негуваат и афирмираат наследството на Благој Јанков – Мучето, со уверување дека неговиот живот, идеали и жртва ќе останат трајна инспирација за идните генерации.























