Успешните компании „Жикол“ и „Елена Лука Хоум“ се новите сопственици на хотелот Цар Самуил во Банско. Во интервју за Струмица Денес тие ги откриваат нивните планови за во иднина и зошто токму заеднички се одлучиле да инвестираат во овој локалитет. Во продолжение проследете го:
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се новите сопственици на хотелот Цар Самоил?
– Градежната компанија ЖИКОЛ од Струмица и Градежната компанија Елена Лука Хоум од Скопје со задоволство ви го најавуваат својот нов проект од јавен карактер: Реконструкција на една од најактрактивните туристички убавини во Струмичко –– Хотелот Цар Самоил.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Зошто инвестиравте во овој локалитет?
– Како компании сметавме дека на нашата држава и недостасуваше локалитет кој со својот природен потенцијал и капацитет ќе понуди многу повеќе на своите жители.
Компаниите ЖИКОЛ и Елена Лука Хоум се водечки компании во својот сектор со кој го обезбедуваме комплетниот опсег на услуги во областа на градежништвото и пазарот на недвижнини.
Нашето долгогодишното искуство во голем број на проекти во нискоградба и високоградба, и високиот рејтинг како општествено одговорни компании сметавме дека се доволни причини за да бидеме соодветни инвеститори на еден ваков објект.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се плановите за иднината на овој локалитет?
– Нашиот основен план е природните ресурси и богатства кои ги нуди ова место да бидат употребени во насока на унапредување и одржување на здравјето на луѓето, но во исто време и одговорно користење и заштита на природата и животната средина. Повеќе детали околу плановите за реконструкција на Хотелот Цар Самоил дополнително ќе бидат споделени во иднина.
ФАКТИ ЗА ЛОКАЛИТЕТОТ
Хотелот Цар Самоил во село Банско, Струмица е всушност легитимен наследник на римската терма. Ова термално лекувалиште во континуитет се употребува во период од 2400 години.
Се состои од пет термални извори кои се наоѓаат во подножјето на планината Беласица и нивниот капацитет не е намален се до денес. Интересен факт е дека температурата на водата во изворот не се менува во текот на годината, што докажува дека потекнува од голема длабочина и не е под влијание на атмосферски влијанија. Температурата на водата во изворите е на околу 71 степен целзиус, и е еден од најтоплите извори во регионот.
Како локација, објектот е лесно пристапен од сите страни на нашата држава. Се наоѓа на надморска височина од 270 метри, и сместен е 12 км југоисточно од Струмица, а од самиот објект има прекрасен поглед кон Струмичката котлина, а од другата страна има поглед кон густата шума на Беласица.