strumica denes logo

ДЕНЕСКА СТРУМИЦА ГО ПРАЗНУВА ДЕНОТ НА ИКОНАТА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА БРЗОПОСЛУШНИЧКА – ТАА Е НАШИОТ ДАР, НАШАТА ЗАШТИТНИЧКА И ЕДИНСТВЕНА НАДЕЖ!

Автор:

Датум:

ноември 22, 2023

Автор:

Датум:

ноември 22, 2023

Празник на иконата на Пресвета Богородица ” Брзопослушничка” 22 ноември

За иконата на Пресвета Богородица
„Брзопослушничка“

Историјата на иконата е поврзана сo светогорскиот манастир – Дохијар, во кој првпат била пројавена благодатната сила на оваа чудотворна икона. Се претпоставува дека иконата била насликана во 10 век, за време на игуменот на Дохијарската обител, преподобен Неофит. Околу средината на 17 век, таа се наоѓала во нишата на надворешниот ѕид, пред влезот во манастирската трпезарија. Таму често поминувале монасите, а по послушание, блиску до иконата најчесто поминувал трпезникот Нил, навечер, држејќи во рацете запален факел, од кој излегувал густ чад. Еднаш, одејќи покрај иконата, тој слушнал глас: – Оче Ниле, во иднина не приближувај се овде со запален факел и не чади го Мојот лик. На почетокот монахот се уплашил, но потоа, мислејќи дека тие зборови ги рекол некој од браќата, брзо заборавил на случката и продолжил ноќе да поминува покрај иконата со запален факел. По некое време, тој повторно го слушнал истиот глас: – Монаху, недостоен за тоа име! Уште долго време ли така безгрижно и бесрамно ќе го оштетуваш Мојот лик!? Слушнувајќи ги тие зборови, монахот веднаш ослепел. Покајаниот монах за миг паднал на колена пред иконата и цела ноќ, до доаѓањето на браќата, Ја молел Пресветата Дева за прошка. Монасите, кога разбрале за чудото, во страв припаднале пред чудотворната икона. Пред неа запалиле незгасливо кандило, а на новиот трпезник му наредиле секоја вечер да пали темјан и да кади пред иконата. Монахот Нил, надевајќи се на големата милост на Божјата Мајка, останал покрај иконата и решил да не си оди сѐ додека не добие исцеление. Усрдната молитва набргу му била услишана. По некое време, коленичејќи пред иконата, тој повторно го слушнал познатиот глас:

– Ниле, услишана ти е молитвата, простено ти е, и повторно се враќа видот на твоите очи. Извести ги сите браќа дека Јас сум покров, грижа и закрила на нивната обител, посветена на архангелите. Тие, и сите христијани, нека Ми се обраќаат во неволјите, а јас никого нема да го оставам. На сите што со побожност ќе прибегнат при Мене ќе им бидам Застапничка, а сите нивни молитви ќе бидат исполнети од Синот и Мојот Бог, поради Моето застапништво пред Него. Отсега па натаму, оваа Моја икона ќе се нарекува Брзопослушничка, зашто на сите што ќе прибегнуваат кон неа, брзо ќе им се смилувам и брзо ќе ги услишувам нивните молитви. По овој случај било востановено постојано празнување на иконата. Преминот кон трпезаријата на страната каде што се наоѓала иконата бил затворен, местото околу чудотворната икона било заградено, а од десната страна на иконата, при самата трпезарија, бил изграден параклис во чест на иконата „Брзопослушничка“.

Копии од оваа чудотворна икона се наоѓаат во многу православни земји, од кои им се излева благодатна сила на сите што прибегнуваат со вера и скрушено срце кон нив. Прва икона на оригиналот од чудотворната икона се наоѓа во метохот на Дохијарската обител, во с. Сохос, во Р. Грција. Втората се наоѓа во светиот град Ерусалим, во Спасо- вознесенската обител на Елеонската Гора. Третата се наоѓа во црквата „Свети вмч. Пантелејмон“ во Николајскиот двор, во Китај-город, Русија. Четвртата се наоѓа во манастирот „Свети Архангел Михаил“ на Зверинце во Киев. Петтата икона, „Gorgoepikos“ (Брзопослушничка), се наоѓа во градот Струмица, Р. Македонија.

Иконата е подарок од игуменот на Дохијарската обител, архимандрит Григориј, и неговото братство за градот Струмица и за целата наша земја. Kога Старецот лично ја испраќаше иконата од Света Гора, тој покади пред иконата, а пред да ја подигнат и да тргнат кон пристаништето, заплака и сиот во солзи ѝ се обрати: „Пресвета моја, еве, дојде време да заминеш. Ќе одиш кај добри луѓе и свет народ. Те молам помогни им, како што и нам ни помагаш, закрилувај ги, како што и нас тука нѐ закрилуваш“. На пристаништето, пак, рече: „На оваа икона не може да се направи копија на друго место освен во оваа света обител. Но, ние не ви испраќаме копија, туку вистинскиот образ на Пресветата. Самата Мајка Божја заминува со вас. Да ве чува и закрилува, а вие чувајте ја Нејзината света икона“.

Празникот во чест на иконата на Пресвета Богородица „Брзопослушничка“ се слави на 22 ноември.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!